Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Корона Прашалник Охрид ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Никола Паскали на OhridPress

Охрид, 8. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни охриѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Никола Паскали од Нуркачкиот центар „Акватек“.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Паскали: Со карантинот добро се справувам, едноставно уживам, сум имал к’смет што езерото ми е на 30 метри воздушно од домот, а мојата љубов, живот, работа, среќа, несреќа, тага ми се таму, во длабочините на Охридското Езеро. Седам дома, ги почитувам мерките и ја следам ситуацијата, со еден збор го слушам Венко Филипче. Како вика Донал Трамп: Меланија ајде, почна Венко. Баш така. Не сум комплетно изолиран, излегувам само по потреба до продавница по намирници и до во аптека. За време на вондреднава ситуација имам направено две еколошки акции. Едната за Светскиот ден на Водите и втората за првиот априлски снег. Еколошките акции беа реализирани со максимално почитување на мерките за заштита. Подводните активности ги изведов сам, езерото ми е пред куќа, одам сам, не контактирам со никој, не користам возило и особено беше ставен акцент на безбедноста, зошто такви се правилата сега во ваква вондредна ситуација. Обучен и трениран сум за да нуркам сам. Мора да бидеме одговорни и совесни, како за нас така и за другите. Така се заштитуваме самите, а и другите околу нас.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Паскали: Кај нас дома е лудиило, имам две мали дечина, близнаци машки. Така да доста е забавно. Времето многу брзо ни поминува, малце е потешко сега со мерките за заштита, зошто не можеме да одиме на прошетки како предходно, мора да седиме дома, до на тераса и во двор. Во секој случај ни е доста забавно, дали има нешто поубаво од тоа да си дете, зошто за да играш со деца треба и ти да се претвориш во дете. Се претвараш во дете и забавата може да почне. Имам еден совет за тие кои немаат деца или се помлади. Разбудете го детето во вас, сите го имаме, само треба да го разбудите, да се препуштите и да уживате. Цртајте, пејте, правете креативни работи, направете мозаик од што било, можете од секакви мали предмети. Сега одличен период е за да се изанализирате и да се спремите за убавите денови кои доаѓаат. Читајте, пишувајте…. предходно се правдавме немаме време, динамичен живот. Еве сега имаме време, искористете го. Испланирајте што ќе правите во убавите денови кио доаѓаат, после дождот сонце доаѓа, кога ќе падне мрак доаѓа изгрејсонце, најубавиот момент, раѓање на денот. Како пее Влатко Стефановски: „Што би правеле ако ноќта потрае, ако не дај Боже сонцето не изгрее, ако утрото заборави да раздени, ако мрак завладее на сите страни. Една сила е што не крева угоре и трева и детелина сакаат виделина, нема ниту сенки кај што нема светлина и мразот не попушта без топлина. Ние сме деца на сонцето и сите сме фатени на орото”. Затоа не се секирајте многу, почитувајте ги мерките, сонцето нема да заборави да изгрее. Кога не изгреало?

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Паскали: Од филмови би ви ги препорачал да ги изгледате македонските филмови, постарите, а и од поновите. Имаме убави македонски филмови имаме исто доста добри документарни филмови. Музика по ваша желба, незнам што би ви препорачал, јас слушам се од класика до поп и македонски рап и хип хоп. Од книги читам стручна литература со романиве сум слаб. Но би ви ја препорачал „Златото на Лихнитида“ од Паско Кузман. Прочитајте, а можете и да ја разгледате како каталог е, има фасцинантни фотографии и информации за древниот наш Охрид. Да видите дека кога ќе речам: „Можеме кункуренција на Египет да му сме“ дека држит вода. Таа книга е напишана врз основа на стари, а и понови истражувања. Но со многу мал интензитет, интервентни, случајни и заштитни ископувања. Е, замислете да се направат систематски истражувања, сериозни истражувања што би се случило со Охрид и Македонија. Златните маски од Требеништа се откриени пред 100 години. Благодарение на новата генерација археолози како што е Перо Арџанлиев од Охрид, кој беше дел од овој проект.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Паскали: Конзумирајте локални производи, од нашето поднебје. Ништо не е случајно, природата толку прецизно и перфектно ги има составено работите што нема потреба од увоз и конзумирање на егзотични производи. Не дека се лоши егзотичните овошја и зеленчуци, но се’ си имаме така, во наша близина, во нашите села и планини. Ево еден мој рецепт за вашите читатели. Тавче гравче во земјен сад, може и друг сад да користите, но подобро би било во земјен сад. Го правите гравчето во тафче, го сервирате, ставате маслиново масло и го зачинувате со нане, може и мајчина душица, едноставно е. Како прилог може салата од свежа зелка со малце црн пипер и маслиново масло. Исто можете да направите салата од варени зрна од грав и го користите истиот начин, маслиново масло, сува пиперка и нане или мајчина душица. За десерт ви препорачувам палачинки со мед, ореви и лешници. Или ево еден експлузивен рецепт специјално за читателите на OhridPress и слуштелите на Супер Радио. Користите неутрална павлака по можност онаа грчката Спитико, ставате лешници и ореви, па потоа сето тоа го преливате со мед. Пријатно јадење и не заборавајте да јадете јаболка. Во нашата земја ги имаме во изобилство. Хранете се здраво и внимавајте на вашата линија, зошто времето лета, за неколку месеци повторно ќе излезиме надвор да се дружиме.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Паскали: Ќе организирам голема еко акција. Ќе има гости од Скопје и другите градови. Вистина ќе биде голема акција. Подводна и сува, заедно, ние нуркачите под вода, останатите на брегот. Заедно сме посилни. Треба да ја чуваме животната средина и водите, зошто нашето здравје зависи од средината во која живееме и водата која ја пиеме. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука