Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Корона Прашалник Охрид ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Адријана Митевска на OhridPress

Охрид, 9 април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Адријана Митевска, дописник на Tелевизија 24 од Охрид.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Митевска: Поради професијата не можам да се изолирам комплетно. Од утре до вечер сум онлајн, на телефон, преку мејл, како со институции, така и со граѓани кои имаат потреба да споделат некоја ситуација, случка од моменталната корона криза. Секако, во меѓувреме со вклучен ТВ, лаптоп го следам секој сегмент од денот бидејќи секојдневно испраќам извештаи за состојбата од Охридско-струшкиот регион и морам да сум во тек со информациите. На терен на почетокот излегувавме почесто, но како што порасна бројот на заболени така излегувањата гледаме да ги сведиме на минимум колку што ни дозволува принципот на работа да биде побезопасно и за нас но и за луѓето околу нас. Комуникацијата со соговорниците сега во поголемиот дел ни е преку телефон или скајп. Најважно е што успеваме навреме да ги информираме граѓаните.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Митевска: Кога ќе завршам со работа, еден час вежбам јога со релаксирачка музика, а потоа следуваат планови за храна па време посветено за добар филм или серија. Слободното време го исполнувам со добра книга, а обожувам да гледам и емисии од најразличен тип на National Geographic и кулинарски шоуа на 24 Kitchen што овие денови го правам многу често. Знаеме да изиграме деновиве по дома и „Не лути се човече“ по неколку пати. Многупати знам само да седам покрај прозорец и со кафе да си ги одмарам мислите гледајќи во празно. Помага за опуштање.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Митевска: Деновиве кога ги живееме можеби до сега за нас најтешките времиња, кога навистина сме напнати и психички преоптеретени потребна ни е релаксација и тоа со добра музика првенствено. Овој период ги преферирам Sting и Rod Stewart иако секогаш ми се меѓу првите на листата. Книга топло ја препорачувам „Бесмртност“ од Милан Кундера, а во моментов ја читам „Вечниот маж“ од Достоевски. La casa de Papel е серијата која е најактуелна во моментов, јас само што почнав да ја гледам.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Митевска: Омилено јадење и нешто што често го подготвувам се тортиљи, паста на најразличен начин (со се’ што ќе се најде по дома, иако јас најмногу ја сакам со морски плодови), пита од јаболка, супа со брокули или печурки и зелени салати. Се разбира придружени со чашка добро вино.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Митевска: Првото нешто што ќе го направам, ќе се видам со сите мои драги луѓе, ќе ги изгушкам па до зори ќе останеме во некоја убава кафеана да прославиме дека успешно сме пребродиле уште една животна олуја. Би шетала од дење до доцна навечер, покрај езеро во чаршија, секаде. Само се’ да помине што поскоро и сите ние да сме живи и здрави. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука