Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Корона Прашалник Охрид ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Сузана Вренцовска на OhridPress

Охрид, 12 април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Сузана Вренцовска, новинар и поранешен директор на „Охридско лето“.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Вренцовска: Животот моментално дома многу се разликува од довчерашниот кој, ако зборувам лично за мене, беше доста динамичен. Секојдневните активности, обврски и навики ми се сведоа на сознавања и видици преку Интернет. Промените сите ние тешко ги прифаќаме. Животот на сите нас тотолно ни се смени. Короната не соочи самите со себе, ни одзеде многу задоволства, слободи, привилегии… Но не научи дека здравјето е најдрагоценото нешто кое треба да го чуваме, не научи на одговорност, на солидарност…
Секојдневните информации за коронавирусот се претежно мојата дневна преокупација, но се трудам да вметнам и бројни активности кои ме прават среќна и исполнета. Изненадена сум дека за сето тоа била потребна добра организација за да имаме време за се. На работното место гледам да ги почитувам препораките, дистанца со колегите, маска, нараквици…. но имам среќа што можам понекогаш да работам и од дома.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Вренцовска: Ни самата не бев свесна колку многу опции има за да си го поплниме времето дома. Иако во четири ѕида, имам бројни активности во текот на денот, читам книги, гледам филмови, почнав да вежбам, со мојата ќерка Стефани играме карти, не лути се човече, монопол… Исто така чистам, средувам плакари…(хахаха ова звучи како вистинска домаќинка). Доста време поминуваме и со новиот домашен миленик- кучето Ади кое во ова време на седење дома ни е вистинска радост и занимација. Инаку кај нас има цело животинско царство… уште две кучиња, мачка и зајак. Дворот ни наликува на золошка градина. Со толку многу животни времето навистина ви е исполнето. Ова е период кога ги согледувам и моите достигнувања што ги имам како родител и морам да кажам дека сум горда мајка. Заедно поминуваме забавно и корисно време. Некако сум ставена и во улога на „учителка“ бидејќи секојдневно сум дел од процесот на совладување на новите наставни содржини. Онлајн учењето е новина и за нас родителите и за децата, но успешно се справуваме и со овој предизвик.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Вренцовска: Никогаш немало подобро време да седиме дома и да гледаме филмови, да слушаме музика, да читаме книга. Од она што последно го имам гледано можам да го препорачам рускиот филм „Слуга“, одлична комедија која ќе ве расположи во едно вака тешко време. Што се однесува до читање книга, ги читам оние кои не сум имала време до сега а се дел од мојата библиотека. Во моментов тоа е „Апартман во Париз“ од Гијом Мисо која неодамна ја добив како поклон од мојата ќерка и среќна сум што ете имам време да ја прочитам.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Вренцовска: Тоа што не можеме да јадеме надвор ни е можеби најголемиот проблем бидејќи во кујната навистина не се снаоѓам. За подготовката на храна е задолжена мојата мајка и навистина имаме среќа бидејќи кај нас кујната се користи за варење кафе, чај, подготовка на смути или цеден сок. Се трудиме со Стефани да приготвиме нешто од интернет, некогаш ни успева, но некогаш на крај спас ни е фрижидерот… кој, како никогаш до сега, има се и сешто бидејќи ова е време кога само се јаде. Па доколку треба некој предлог може сендвич со печен леб, намаз, шунка, кашкавал, варено јајце, мајонез и кисели краставици… едноставно и вкусно ? Сепак за највкусниот сендвич со ќебапи, ајвар и павлака во Томато, ќе се стрпиме да помине корона „лудилово“. Она што е наш домашен ,,специјалитет“ во време на „Седи дома“ е чоколадно смути со банани, млеко, црно цоколадо, овесни снегулки, путер од кикиритки, лешници и мраз.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Вренцовска: Ќе го правам сето она што ми фали во овие моменти, прво ќе пијам кафе покрај езеро, ќе одам на првата театарска претстава на Охридскиот театар, ручек дружба со моите пријатели, журки, шопинг, патување, нормално ќе се вратам на моите секојдневни обврски… Посакувам сите ние да излеземе најпрвин живи и здрави од оваа криза но и полни со љубов и благодарност на животот кој го имаме. Посакувам повеќе да им се радуваме на малите нешта. Богатството да го гледаме во здравјето, а не во парите. Да бидеме похумани зошто само така ќе бидеме подобри за себе и другите околу нас. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука