Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Корона Прашалник Охрид ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Лејла Гогова на OhridPress

Охрид, 12 април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Лејла Гогова од Metropol Lake Resort.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Гогова: Би сакала да можам комплетно да се изолирам од конспирациите и теориите за завери, објавувани и споделувани од експерти без кредибилитет кои на социјалните мрежи шират лажни вести и уште повеќе го збунуваат исплашениот народ. Актуелниов наскоро ќе помине, ама од фејк њуз вирусов ко да ни нема спас за жал. Ние дома ги почитуваме препораките од надлежните институции и превземаме соодветни мерки за заштита, се информираме дозирано и не паничиме. Свесни сме за ситуацијата и за опциите, ја прифаќаме реалноста без непотребна драма и функционираме скоро нормално.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Гогова: Иако сме во изолација заедно со децата студенти,сепак секој од нас си има своја агенда и обврски во текот на денот. Покрај дежурствата на работа и вообичаените домашни активности, како и повеќето од нас претпоставувам, периодов го искористив за темелно чистење на домот, садење цвеќиња, средување плакари, фиоки, документи… Деновиве привршувам со сортирање и средување облека и обувки кои ќе ги донирам каде што е потребно, па ете можеби ќе ве мотивирам и вас да го направите истото.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Гогова: Идеално време е да се пуштат снимките оставени за „кога ќе имам повеќе време“, па ќе Ви предложам да си го изгледате својот живот и да се вратите во подзаборавените спомени од непроценлива вредност. Од сериите на Нетфликс, секогаш на прво место ми е Friends, топло ја препорачувам како терапија особено во вакви напнати моменти. И нешто малку поразлично, сериите „Unorthodox“ и „Caliphate“, како и Нетфликс кратките документарци „Explained“. Од филмови, кои деновиве ги гледав, Roman J Israel,Esq.(2017) и The Intouchables (2011). Конечно успеав да дочитам две започнати книги, „Крпељ“ од Ведрана Рудан и „Харемот на Гадафи“ од Аник Кожан, а во моментов ја читам „Апартман во Париз“ од Гијом Мисо.
Одлична музика слушам на Супер Радио најчесто во кујна, додека готвам и на слушалки кога вртам на орбитрек.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Гогова: А всушност треба помалку да се јаде со оглед дека физичката активност е намалена нели. Ама, под мотото „уште јадењето ни остана“, пребарувам рецепти на YouTube и добар дел од времето го минувам во кујната испробувајќи ги оние кои ми фатиле око и ми е ќејф дека трудот се исплател бидејќи испаднале екстра. Нашето мени е прилагодено на здрава исхрана, со многу различни салати и зеленчук, ама сепак еве предлог нека биде едно од омилените јадења, лазања (за да Ви ја бендисаат, не штедете на бешамел и кашкавал :)).

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Гогова: Како и сите други предизвици од минатото, верувам дека и овој ќе го надминеме и се надевам дека наскоро ќе продолжиме да живееме нормално, помудри од научената лекција. Не знам што ќе направам прво, веројатно ќе биде дружење со пријателите со кои сега сме онлајн на камера или разменуваме смешни и забавни мемиња и видеа за полесно да го издржиме карантинот. Останете сите во добро здравје, чувајте се и седете дома, за сите заедно побрзо да излеземе надвор. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука