Забава Избор Корона Прашалник Струга ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Николина Велкоска на OhridPress

Охрид, 13 април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Николина Велкоска, директорка на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Велкоска- Глигороска: Да бидам искрена, целата оваа состојба како да не исфрли од реалноста, односно од секојдневните обврски со сета нивна динамика на која бевме навикнати. На почетокот љубопитноста беше поголема и со нетрпение ја очекувавме секоја нова информација. Меѓутоа од ден на ден се привикнувавме на „новата“ дневна шема и полека се оддалечував и од дневните информации. Информациите за Ковид-19 кои се пласираат на разни портали беа збунивачки и затоа секогаш со интерес ги пратам сите новости кои доаѓаат од страна на официјалните институции во нашата држава, поточно од Владата и Министерството за здравство. Моето семејство ги почитува мерките и #SediSiDoma ни е основно мото. Иако работните обврски овој период се намалени во текот на денот морам да бидам и на работното место, но секако согласно препораките за заштита од страна на Министсерството за здравство.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Велкоска- Глигороска: Верувам дека на сите ни недостасуваат пролетните прошетки, но сепак и домашната атмосфера во која сме сите може да биде интересна. Уживам во семејната атмосфера, бидејќи сме во стамбена зграда веднаш терасата ја претворивме во „двор“. Тука ни започнува денот со утринско кафе и смути. Благодарение на ќерката прочитав многу сказни, гледам многу детски серии, цртани филмови и морам да признам дел од нив ме вратија во детството, незаборавни спомени на кој сега се присетувам. Да ја разбиеме монотонијата во текот на денот ја играме играта „Четири годични времиња“ слична на „Не лути се човече“, цртаме, боиме, се маскираме во модерните детски принцези и.т.н. Во овој период пред Велигденските празници со нашата креативност направивме и неколку украси да го развеселиме домот. Имаме и наши „концерти“ особено во вечерните часови пред легнување и така некако успеваме со овие содржини да го исполниме денот. Исто така имам верен помошник во кујната.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Велкоска- Глигороска: После 22:00 часот е мој термин. Тогаш од целодневниот ангажман малку се релаксирам секако со добра книга и добар филм. Благодарение на технологијата сега понудата и достапноста е голема. Од филмовите за љубителите на трилер и крим филмовите одличен избор е „Врелина“ со одличната актерска тројка Ал Пачино, Роберт де Ниро и Вал Килмер, како и возбудливиот трилер „Наплата“ со Мел Гибсон и Марија Бело. Читателската публика овој период може да ужива во романите кои јас ги нареков „карантински“ и топло ја преорачувам приказната за љубовта и предавството на Рид Боуен во „Детето од Тоскана“, како и романот за мистеријата и љубовта која се чита во еден здив „Темјанушки во март“ на Сара Џио.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Велкоска- Глигороска: Уживам во готвењето кога имам подолго време и не треба да брзам, а точно е и тоа дека кога се готви со љубов и храната е повкусна. Сакам да експериментирам, а и овој карантински период тоа ми го дозволува. Претежно уживам да подготвувам лазањи по рецептот на мојата драга кума која е во Италија со болоњезе сос и бешамел.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Велкоска- Глигорока: Познавајќи се себе си претпазливоста ќе биде присутна некое време, но животот на кој бевме навикнати сите го посакуваме. Веднаш штом условите тоа го дозволуваат сцената во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе биде отворена за сите љубители и творци на уметноста и културата за нашата верна публика. Во овие услови просториите во Центарот се премногу тажни без музиката, танцот, глумата и прекрасните промоции. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука