Забава Избор Корона Прашалник Охрид ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Наум Јамандиев на OhridPress

Охрид, 14. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со професорот Наум Јамандиев.

Image may contain: 1 person

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Јамандиев: Можам да кажам дека добро се справуваме со карантинот, со семејството имаме секојдневни активности во смисол на пратење на наставните форми преку интернет, со сопругата ни се поделени активностите околу едукацијата на нашите 3 деца, таа работи природни науки, јас работам уметност и техничко образование. Следам што се случува со Ковид-19 во Македонија, но не постојано, пробувам да не дозволам да ми се наметне психоза која може негативно да влијае на расположението и менталното здравје, настојуваме да бидеме со ведро и позитивно расположение.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Јамандиев: Во овој период голем дел од времето поминувам изведувајќи градежни работи во домот кои чекаа да бидат завршени (а чекаа 25 години ?) како поставување на екстра изолација и кнауф систем на поткровните простории слушајќи музика на радио и обидувајќи се да бидам креативен и продуктивен во моментите на изолација.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Јамандиев: За мене морам да кажам дека сум филмофил, но обврските со работата не ми оставаа слободно време да гледам квалитетни филмски изданија. Сега тоа не е случај имајќи во предвид дека слободно време има доволно, така да последен филм кој го изгледав е филмот „Повик на дивината“ со Харисон Форд во главна улога, а следен на заедничката листа со семејството ни е „Того“ од Дизни продукција со Вилем Дефо во главна улога. Последна книга што ја прочитав е „Анастазија“ од Владимир Мегре, а ја читам по втор пат и која ни кажува за нашата одалеченост од природата. Следна на ред е „Вештица“ од Венко Андоновски. Серии моментално не гледам, а од музика морално е „Buena vista social club“.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Јамандиев: Мој предлог за храна е да се избегнуваат обилни оброци во овој период за да не дојде до дебелеење и многу несакани ефекти од самата гојазност, дијабет, хипертензија итн. Да се јадат повеќе салати кои во овој период ги има во изобилство од наше македонско производство. Еве еден предлог за денес: Макарони со бешамел сос со кари и брокула. И чаша бело вино!? Добар апетит!

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Јамандиев: Имам многу другари и пријатели со кои задолжително мора да се подружам штом целата ситуација се врати во нормала, зошто поинаку е комуникацијата во живо а друго е телефонски или онлајн. Второ, нестрпливо очекувам да се вратам на тренинзи со дечињата од ракометната школа на Кирил Лазаров 7, со кои имаме многу ракометни тајни за учење и забава. Би ја искористил приликава да им ги честитам Велигденските празници на сите верници. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука