Забава Избор Корона Прашалник Охрид ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Гоце Стојановски на OhridPress

Охрид, 14. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со адвокатот Гоце Стојановски.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Стојановски: Комплетната изолација е скоро невозможна. Во овие кризни ситуации и јас и секој друг, мораме постојано да ги следиме медиумите, бидејќи од редовните прес – конференции на министерот на здравство постојано добиваме официјални информации и секако добредојдени препораки на кои свесно треба да се придржуваме, а со тоа да им помогнеме на сите тие кои се наоѓаат на првата борбена линија и работат пред се за наша заштита и во наш интерес. Сите ние имаме блиски кои се наоѓаат во таква ситуација и во овие најтешки моменти го ризикуваат сопственото здравје, па и живот, за да ни помогнат на сите нас.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Стојановски: Жално, но оваа ситуација ни налага да се потсетиме на вистинските вредности во животот. Со оглед на големите работни аранжмани и јас и сите преостанати ги имавме запоставено најбитните животни вредности и бевме во постојана трка со времето и постојан стремеж да го постигнеме некогаш и невозможното. Поради настанатава ситуација добив повеќе слободно време и за прв пат во животот подготвив доручек за семејството за да го започнеме денот како што доликува. Секако неизбежни се и друштвените игри „Не љути се човече“, „Монопол“, а и по некоја табла. Можно е и да влезам во една моментално најбезбедна зона, да направам едно нуркање во водите на Охридското Eзеро.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Стојановски: Го пополнувам слободното време со преслушување на старите EX YU rock хитови и често ги слушам Dubioza kolektiv чија што содржина често ја отсликува реалноста. Од филмови и серии би ги препорачал: „Meet of patents“, „Jumanji“, „Friends“ и „Modern family“.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Стојановски: Мое омилено јадење се лазањите подготвени од мојата сопруга. Но, морам да се пофалам дека за прв пат успешно приготвив млад кромпир на пекарски начин и свинско печење, за што добив признание од мојата сопруга.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Стојановски: Задолжително кафе со моите пријатели, од каде сигурно ќе произлезе договор за некое ново патување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука