Забава Избор Корона Прашалник Охрид ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Татјана Караџова- Маленкова на OhridPress

Охрид, 15. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со новинарката Татјана Караџова- Маленкова.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Караџова- Маленкова: Нашето семејство во целост ги почитува мерките и препораките од Владата. Децата буквално се по цел ден дома или во двор. Поради мојата професија сакала – нејќела морам да следам се што се случува и тоа 24/7. Јас следам, но моите ги поштедувам од вакви вести да слушаат нон стоп. Така да дома се слуша музика, се гледаат филмови, но не и вести. Тоа што треба и мора да знаат им соопштувам, но не дозволувам тие да следат вакви видео содржини. Секако дека во оваа „битка“ со короната, најбитна е информираноста, но оваа реалната. Во морето на информации и во услови кога многу работи не можат да потврдат ниту реномирани експерти, се провлекуваат и мноштво на дезинформации или субјективни толкувања… затоа е многу важно да се применува максимално внимателно селектирање на информации од потврдени извор. Токму оваа е причината што советите или линковите кои треба да ги прочитаат им ги споделувам јас, а не сами да читаат се и сешто.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Караџова- Маленкова: Па искрено самоизолацијата не е толку лоша :). Дома покрај тоа што за мене би се рекло дека е исто, затоа што си работам од дома подолго време, мојот работен ден е исти. Инаку децава се потсетија на „Не лути се човече“, „карти“, брза географија“, „бесилка“… Ние имаме и верува или не четири миленици. Блу папагал, мачорот Азриел и Макс и Лаки. Макс е во двор па го добива целото внимание преку ден кога е топло, а Лаки е милениче буквално нон стоп на сите. Најново е го дресираат, а тие моменти се премногу забавни за некој да гледа од страна. Се учи он лине, се пишуваат домашни работи… Денот поминува. Навечер редовно видео конференциска врска со пријатели, се кажуваат шеги, се издвојуваат најинетерсни постови и твитови поврзани со корона вирусот. Јас сум човек кој не може без пријатели. Тоа би им го препорачала на сите. Техниката ни овозможува и во вакви ситуации да бидеме блиску и покрај далечината.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Караџова- Маленкова: Од серии овој период ги гледам „Castle“, MacGayver… филмови „The Age of Adaline“, „The Time Traveler’s Wife“,„Miracles from Heaven“, Што се однесува до книгите пак моја препорака би биле: „Исцелете го своето тело“ – Луиза Хеј, „Како да го излечите својот живот“ – Лујза Хеј, „Сакајте се до совршено здравје“ – Лујза Хеј, „Моќта на афирмациите“ – Лујза Хеј, нели јасно е кој е мој омилен автор :), нејзините говори и цитати ме воодушевуваат, затоа што имала екстремен живот и неколку пати била раб на смртта, но стекна огромна популарност благодареќи на пренесување на своите мотивациски говори, потоа „Судбината на душите“ – Мајкл Њутон, „Вероника реши да умре“ – Паоло Коељо, „Девојката со портокали“ – Јустејн Гордер. Од нашите почитувани македонски автори од поновите романи би го издвоила „Куфер за тројца“ од Живко Грозданоски.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Караџова- Маленкова: Е храната е проблем навистина. Најдобар твит кој го прочитав „Маска задолжително да се носи дома, но во кујната“ :). Резултатите од карантинов ќе ги видиме летово на плажа. Но сите ќе сме исти нели? :). Инаку не само во ваква состојба јас од секогаш сум готвела. Овие денови редовно се прават палачинки, а како омилено јадење би спомнала старо охридско јадење чомлек, кој не пробал веднаш да проба, рецепт во инбокс веднаш ќе пратам. Секако селско месо, а ако го прашате син ми ќе ви рече „ама како што го прави мама“ :).

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Караџова- Маленкова: Во овој период најмногу ми фалат моите. Од деца родителите не воспитале нон стоп да сме заедно. Се слушаме и гледаме благодарение на техниката, но не е тоа тоа. Поготово Велигден да не ја посетиш баба не е баш лесно. Но, здравје да помине ова и ќе си се вратиме на нашето секојдневие. Инаку еве ние новинарите имаме пропусници, па изминатиот викенд поради работни обрски бев на снимање во Охрид и Струга. Верувајте НИКОГАШ да не го видам Охрид ваков. Празен, тажен… Ова не е Охрид. Верувајте подобро дома отколку да ги памтите празните улици, кеј, шеталита… Совет до сите би дала. Бидете позитивни. Размислувајте позитивно и уживајте во секој миг. Ова е едно искуство и искушение кои требало да го поминиме. „Седи дома, заштити се најпрво себе си, а потоа и сите околу тебе“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука