Забава Избор Корона Прашалник

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Лоре Бујароска на OhridPress

Охрид, 16. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Лоре Бујароска, заменик главен и одговорен уредник на порталот OhridSky.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Бујароска: Сега за сега добро се справувам, фала му на Бога. Со оглед на тоа дека работам во медиум, секако дека следам се што се случува кај нас, а и во светот. Бидејќи одам на работа, во редакција, за мене баш инема комплетна изолација, освен во викендите.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Бујароска: Бидејќи како што кажав немам многу слободно време, мене времето брзо ми поминува. Денот ми е комплетно исполнет, значи од сабајле на работа во редакција, потоа дома – домашни активности, и на крај од денот никако не смее да изостане она најубавото – гушкање со моето синче Игорче, кое ми дава љубов и енергија. Совет за оние кои се постојано дома: Знам дека е тешко, но мора да издржете, да се заштитите самите себе, а со тоа и другите! А останатите, да излегуваат само ако навистина мораат, како и да ги слушаат препораките од надлежните институции! И ова ќе помине! Дотогаш, Бог да не чува сите!

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Бујароска: Да гледаат повеќе филмови од различни жанрови, но еве една препорака иако е постар филм, сепак е интересен „Tremors“ (1990). Мојот ден започнува со музика, затоа препорачувам да слушате се што е за Вас добро и за срце и за расположение… Додека сте дома, може и да ја прочитате книгата
„А потоа…” од Гијом Мисо.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Бујароска: Точно така, додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Јас сум жена која сака да готви за себе и за најмилите. Па, еве би издвоила пилешко стекче во сос од печурки. Многу брзо и лесно се приготвува, а секако е и многу вкусно. Не заборавајте и чашка добро вино! Се надевам дека додека готвите полесно ќе ви помине карантинот, но најбитно е готвењето да биде со љубов.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Бујароска: Искрено, и јас се надевам и посакувам дека за скоро време да ја надминеме сегашната состојба. Ми недостасува прошетка во природа, пролетна, со моите најмили, да се видам со блиските кои ми значат, а секако ми недостасува и она моето шеткање по други градови во и надовр од земјава. Значи, дај боже што побрзо да се среди ситуацијава, да биде се добро и да се вратиме во нормала. Ви благодарам за интервјуто, OhridPress ❤ (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука