#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Драган Георгиевски на OhridPress
Охрид, 17. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.
За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Драган Георгиевски од работилницата за изработка на рачни изработки од кожа и рачна резба на кожа „Книговез“.
OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?
Георгиевски: Моите околности се малце поразлични од другите такашто секојдневието ми е исто како и пред пандемијата. Времето ми поминува во креирање на нови производи, единствено ми недостасува утринската прошетка која со години ја практикувам, исто така ми недостасуваат туристите кои доаѓаа за да учествуваат во нашите работилници. Иначе, на почетокот од пандемијата, првата недела-две, со нетрпение чекав да ги видам најновите информации во врска со вирусот кој сите не загрижи. Но таа љубопитност исчезна затоашто се поизвесна е мојата верба дека за скоро време ќе се стабилизира состојбата и ќе се вратиме во нормала.
OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?
Георгиевски: Всушност не би можел да дадам совети за тоа како полесно да се помине времето во изолација затоа што верувам дека поголемиот број од населението ако не знаат што да прават со себе првата недела, тогаш по природен пат би требало да им се наметне мисла дека треба да поправи нешто својот дом (верувам дека сите имаме по нешто за поправка), да пробаат нов рецепт, да видат некој добар филм, да изиграат партија карти, шах, не лути се човече (хахаха), обавезно да се прегледаат емисиите од типот „Јас имам талент“ еднаш дневно, и секако да се одвојат минути посветени кон себеси за тоа што не прави среќни или тажни.
OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?
Георгиевски: Книга не би можел да препорачам, одамна моите околности се такви кадешто егзистенцијата не ми дозволува премногу слободно време, но фим би можел. Ip man 4, азиски филм (акција/драма), којшто како и повеќето од нив имаат некоја порака, мудрост… Што се однесува до музиката, ех, тоа е многу тешко. Ама еве нешто конкретно, едно големо џез име: Бил Еванс.
OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?
Георгиевски: Леб со маја, затоа што изработката на тој леб има потреба од поголем временски период, а во меѓувреме може да се проба некое старо заборавено јадење, како на пример Јајчарник.
OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?
Георгиевски: Она што најверојатно би го направил прво после завршувањето на вонредната состојба е фамилијарна посета на моите родители кои живеат моментално во преспанскиот регион. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |