Забава Избор Корона Прашалник ТОП ВЕСТИ

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Јана Наумовска на OhridPress

Охрид, 18. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со охридската уметница Јана Наумовска.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Наумовска: Со оглед на актуелноста на ситуацијата на светско ниво, на почетокот не пропуштав ни една прес конференција и редовно ги следев вестите. Но, како што одминуваа деновите, почнав времето да го користам на попродуктивни нешта, знаејќи дека е доволно само да ги следам мерките за заштита издадени од нашите државни институции.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Наумовска: Постои една стара изрека која вели дека ако дома не ти е убаво, никаде не може да ти биде убаво. Домот е човековата база од каде што почнува се’. Верувам дека секогаш може да се најде по нешто за да се исполни времето корисно и интересно. Ова се денови каде што секој може да најде улога како медијатор помеѓу срцето и паметот, во насока на самооткривање што навистина не прави среќни и исполнети ?. Голем љубител сум на сликањето, и моментално работам на неколку нарачки, така што до сега не осетив некоја значителна промена, а ни празнина. Сега е и време на Велигденски декорации, па прв пат годинава рачно со четка и боја ги цртав Велигденските јајца.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Наумовска: Во однос на музиката, слушам се’ она што во моментот им прија на моите уши и душа, без ограничување. Од класика до латино, арапска музика се’ до рок и поп балади. Ги обожавам Amr Diab, Nirvana, Metalika, Sting, Sade, Оливер Драгојевиќ, Балашевиќ, и да, ќе заборавев, Цеца ?. Деновиве ја гледам серијата La Casa De Papel, типична шпанска серија со сите нишани, но доволно интересна за да го одвлече вниманието на неколку часа. Еден од подобрите филмови кои сум ги гледала е La vita e bella, добар за гледање, баш во овие карантиски денови, имајќи во предвид во каква игра не вовлече животот ?. Од книги, ги обожавам сите на Пауло Коељо, со акцент на „11 минути“, „Крај реката Педра“, „Вероника реши да умре“ (мотивира да бидеме по малку луди и да не се плашиме од сопственото лудило). Моментално ја читам „Рингишпил“ од Јелена Бачиќ (приказна за љубовта која успеала да ги надрасне животот и судбината).

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Наумовска: Тука е готвењето како хоби, доручек, ручек и вечера по сите прописи ?. Од моите омилени рецепти би издвоила Linguini со шкампи во сос од домати и лукче. Е, веќе кога се најадовме, мора и малку вежбање (Summer is coming) ? На секој му ја препорачувам програмата за везбање Insanity која е најефикасниот тренинг кој некогаш сум го пробала.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Наумовска: Нешто што најмногу ми фали е дружба со пријателите, ручек во некое кафанче покрај нашето убаво езеро и по некоја пијачка на шанк ? Исто, планирам во најбрзо време една турнеја по Јадранот. Тука се и подготовките за мојата прва самостална изложба, но за тоа дополнително ќе ве известам. Сега е најважно со убава мисла да ја поминеме кризава, да останеме полетни и ведри, зошто знам дека убави нешта не чекаат, скоро ? (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука