Забава Избор Корона Прашалник

SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Гордана Лолеска на OhridPress

Охрид, 21. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Гордана Лолеска, граѓански активист за подобрување на условите за живот на лицата со ретки болести.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Лолеска: Секојдневно следам што се случува со пандемијата на корона вирусот во земјава, но и светот,  бидејќи досега не сме имале ваква состојба. Најчесто следам официјални информации, од интернет страницата на Министерство за здравство или пак пресовите на министерот Филипче. Како граѓански активист за поддршка на пациентите со ретки болести се информирам за тоа што се случува околу преземените мерки за справување со епидемијата на корона вирусот, бидејќи многу од овие пациентите се и хронично болни и за нив заболувањето што го предизвикува овој вирус може да биде живото-загрозувачко.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Лолеска: Времето во изолација најчесто го минувам средувајќи и архивирајќи документација, како и мојот лаптоп кој е преполн со податоци. Почнав и со превод на дијагнози за третата сезона на проектот „Ги запознаваме ретките болести“, и воопшто не ми паѓа тешко седењето дома.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Лолеска: Филмови кои сум ги гледала и можам да ги гледам уште неколку пати и секогаш да останам без здив Legends of the Fall, Once Upon a Time in Americа, Dragonfly. Дури сум дома ја изгледав серијата Dr House, а за опуштање најчесто слушам филмска музика, особено ја сакам филмската музиката на Ennio Morricone. Последните неколку годни читам медицинска литература, која ми е потребна за превод на ретките дијагнози и нивн обработка за да бидат разбирливи за луѓето. Работата на дијагнозите ми одзема и по неколку месеци во годината.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Лолеска: Лазањи, пица, шпагети, дефинитивно италијанска храна која ја сакаат и моите деца, а и тие често знаат да подготват нешто од сето тоа и да ме одменат. Сакаме и многу салати особено салати со марула, домати, краставици.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Лолеска: Ми недостигаат моите пријатели. Се надевам на средба со нив во природа и ќе дишам, дишам, дишам… После сѐ имам чувство дека многу ми фали свеж воздух, кислород, да се изнадишам со полни гради. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука