COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Доц. д-р Калина Сотироска Иваноска: Помошта од психолог или психијатар сега ќе бидат повеќе потребни, отколку на почетокот на епидемијата

Охрид, 4. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Епидемијата од корона вирусот не помести од комфорната зона, ни го промени животот. Промените се нормални, а секој наоѓа начин како да ги преброди. Од друга страна овој нов начин на живот се покажа добар во насока на поквалитетно поминато време со семејството.

– На почетокот можеби ни беше тешко, а како што поминува времето сите се навикнавме. Во вакви моменти е многу важно да се одржи трпението, смиреноста. Потребите за помош од психлог или психијатар и одржување на менталното здравје сега ќе бидат поголеми отколку на почетокот на епидемијата и тоа воопшто не е и не треба да биде табу тема, потенцира во интервјуто за Супер радио и OhridPress доц. д-р Калина Сотироска Иваноска, доктор на психолошки науки и декан на Факултетот за општествени науки на Меѓународниот универзитет „Визион“ во Гостивар.

Супер радио: Какво е влијанието на коронавирусот врз менталното здравје и кој потешко ја поднесува ваквата состојба, помладите или повозрасните?

Сотироска Иваноска: Нормално, ваквата ситуација нé изваде или помести од онаа што ја велиме комфорна зона. Претходно сме се навикнале на еден начин на живеење, наеднаш преку ноќ се смени сé и сите се најдовме затекнати во ваквата ситуација, не можеше никој ни да претпостави што и како ќе се случи. Промените кои настануваат се нормални затоа што сите сме исправени пред различни предизвици, нормално секој со своите, што би се рекло народно „секоја планина со својата тежина“. Секој човек си вика дека неговиот предизвик е најголем. Во оваа ситуација не станува збор само за колективна спреченост на извршување на работите, општо на глобално ниво, значи тргнуваме како индивидуи секој поединечно. Е сега на кого му е најтешко не може да се споредува. На пример на повозрасните им беше поограничено времето за излегување и тие тешко се соочуваа со тоа. Кај децата пак одеднаш речиси целосно затворени дома и тоа им дојде тешко. Потоа распоредот помеѓу децата и родителите, се најдовме во една ситуација каде дел од родителите работните обврски ги извршуваа од дома, а од друга страна требаше да ги извршуваат и секојдневните активности со децата. Сите сме сведоци на тие on-line учења, тешкотијата нормално е сé тоа да се совлада наеднаш и е едно ново искуство и за децата и за родителите. Матурантите од друга страна секој со своја грижа што ќе биде понатаму, сепак тоа е еден одлучувачки период за нив, за нивната иднина. Потоа тука се егзистенцијални, финансиски проблеми скоро сите се соочени со тоа. Што ќе биде понатаму, колку изгубиле, како ќе се одвива животот понатаму.

Супер радио: Епидемијата од коронавирусот ни донесе и нов начин на водење на социјалниот живот. Колку и дали има и нешто позитивно од ваквата состојба?

Сотироска Иваноска: Сега младите наеднаш се постојано дома, нема излегувања, кафичи, имаат подруг социјален живот. Но, од друга страна пак се отворија и некои други предизвици. Луѓето не се само сконцентрирани да се занимаат со размислувања за тоа што ќе биде, имаат повеќе време за себе. На почетокот можеби тоа беше тешко да се соочат, макар што како што поминува времето сите се навикнавме. Ете некои луѓе читаа книги што немале време досега да ги прочитаат, гледаа серии, си најдоа и други занимации во кујна, во дворовите, на некој начин се свртија кон себеси, она што можеби беше изгубено, во она натреварување со другите, да бидеме подобри, но и покажување на другите на колку места сме биле, кои кафичи сме ги посетиле, тоа беше и пренагласенио, сега малку како сите да сфативме кои вредности се важни. Овој период сме изолирани од многу работи, ама сфативме дека и така можело да се живее, фактички се соочивме со еден момент каде гледаме што е најважно, тоа е семејството, пријателите. Мислам дека многу луѓе си поставија цели што понатаму ќе прават со својот живот соочувајќи се со овие моменти.

Супер радио: Како граѓаните да се справат со последиците од состојбата во која се најдовме, колку е важна и помошта од експерти за ментално здравје, како психолог и психијатар?

Сотироска Иваноска: Сега е многу важно, со оглед на тоа што многу време поминуваме пред телевизор, на компјутер и телефон и следење на вести за актуелната состојба, да се направи разлика, да се одреди точен извор на информации, а не постојано да се следат вести во врска со случувањата. Оние теории на заговор, лажни вести и слично го оптоваруваат мозокот, сакајќи ние или не да веруваме во тоа сепак влијае врз нас, што придонесува за појава на вознемиреност и анксиозност и дава една безнадежност за понатаму. Заради тоа потребно е да се живее во сегашноста, секако со поглед кон иднината. Во овој период важно е да се земаат редовно оброци, да се внимава на хигиена, да се зајакнува имунитетот, да се води грижа за оние кои нé сакаат и ги сакаме, да се дава помош и бладгодарност на другите, без разлика дали се тоа децата, партнерите, пријателите, соседите… Важно е денот да се испланира, да биде исполнет со активности кои ќе придонесат за подобро расположение. Во вакви моменти е многу важно да се одржи трпението, смиреност, ведрина, оптимистички дух. Работите вака или така ќе се средат, но никогаш нема да бидат онакви како што биле претходно, многу работи ќе ни се сменат и мислам дека психолошка помош ќе биде многу попотребна сега, кога ќе заврши ова отколку во перидот на карантин кој го имавме. Потребите за помош и одржување на менталното здравје сега ќе бидат поголеми и секако барањето на помош од експерти за нега на менталното здравје, психолог или психијатар е многу важно, тоа не е табу тема и е многу подобро тоа да се направи, отколку да се остане во некој „магичен круг“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука