Свет

Нов земјотрес од 6,8 степени по Рихтер во Непал

Катманду, 26. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – По вчерашниот катастрофален земјотрес во кој загинаа над 2.000 лица, нов силен земјотрес го потресе Непал, соопшти Европскиот сеизмолошки центар.

Првично беше соопштено дека земјотресот бил со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала, но подоцна беше утврдено дека потресот бил со јачина од 6,8 степени по Рихтер. Регистрирано е во 12:54 часот по локално време. Епицентарот на земјотресот бил на 29 километри југоисточно од Кодари и на 86 километри источно од главниот град Катманду, на длабочина од 10 километри. Според геофизичкиот институт на САД новиот земјотрес е со интензитет од 6,7 степени според Рихтеровата скала и се случил на длабочина од 10 километри.

Жители кои го почувствувале земјотресот раскажуваат дека бил доста силен, речиси како вчерашниот. Коментарите се на луѓе, главно од Индија, бидејќи во Непал телекомуникациите по вчерашниот земјотрес се скоро прекинати. Тие додаваат дека уште се многу исплашени од вчерашните земјотреси во Непал, а очигледно земјата се уште не е целосно смирена.

Бројот на загинатите од вчерашниот земјотрес во Непал се зголеми на над 2.000 лица, соопштија од Министерството за внатрешни работи, јави Ројтерс. Над 5.000 лица се повредени во земјотресот кој беше со интензитет од 7,9 степен по Рихтер. По  големиот потрес, следеше серија од последователни земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 6,6 степени.

– Лавина, предизвикана од силниот земјотрес во Непал, го зафати базниот камп на алпинисти под Монт Еверест. Загинаа најмалку 10 странски алпинисти, изјави Непалскиот министер за туризам Гианендра Кумар Шреста. Неофицијално бројот на загинатите алпинисти е 18. Воено-транспортен авион на индиските воздухопловни сили со 50 спасувачи и хуманитарна помош е итно испратен во Непал. Кон Непал се испратени уште два индиски воено-транспортни авиони со хуманитарна помош за повредените.

– САД соопштија дека испраќаат спасувачки тим и дека ќе доделат помош од 1 милион долари за Непал. Канцеларијата за помош при катастрофи во странство (OFDA), која е дел од USAID, ќе испрати тим од спасувачи и помош од еден милион долари за да се одговори на најитните потреби на населението, се вели во соопштението објавено на Твитер од страна на директорот на OFDA Џереми Кониндик.

Земјотрес со интензитет од 7,8 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во 11:56 часот по локално време во Непал со епицентар на 89 километри северозападно од главниот град Катманду, на длабочина од 10 километри.

Повеќето луѓе и денес се надвор од своите домови, бидејќи помалите потреси продолжуваат. Силните земјотреси се почувствувани и во Северна Индија, Бангладеш, Тибет, како и во целиот регион во радиус од околу 800 километри. (Крај)

извор: АФП фото: АП

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави