Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридската противпожарна единица го одбележува Денот на пожарникарите

Охрид, 20. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридската територијална противпожарна единица по традиција, денес го одбележува 20-ти мај, Денот на пожарникарите.

И годинава денот го одбележаа со кратка обиколка со возилата околу централното градско подрачје. Честитките по повод денешниот ден и овојпат се желби пожарникарите да имаат помалку работа, да има помалку пожари и помалку активности на терен.

pozarnikari2

Охридските пожарникари перманентно успешно ги вршат активностите во делот на заштита на пожарите. Од почетокот на годинава до денес регистрирани се 124 интервенции на отворен простор и 37 технички интервенции. Во првото тромесечие имало 94 интервенции што е помалку во споредба со други години.

– Нашите екипи се секогаш подготвени и стоиме на располагање доколку се јави потреба од гаснење пожар на отворен простор или техничка интервенција. Изразувам благодарност до сите оние кои соработуваат со нас, само ако заеднички работиме, противпожарната култура ќе биде на високо ниво. Се надевам дека и во иднина заедно ќе придонесеме на територијата на општините Охрид и Дебрца, да има што е можно помалку пожари, помалку штети од пожарите и други непогоди, вели за Супер радио и OhridPress командирот на охридската територијална противпожарна единица Спасе Прентоски.

Традиционално секоја година на различни начини се одбележува 20-ти мај, Денот на пожарникарството во Република Македонија. На овој ден во 1836 година во Битола е формиран првиот противпожарен одред. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука