Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Пауновски: Државниот пазарен инспекторат ќе ги применува ригорозно своите надлежности и ќе ги казнува угостителите за непридржување на протоколите

Скопје, 29. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски на денешната вонредна прес-конференција, по одлуката на Владата вчера да бидат отворени кафетериите и угостителските објекти за послужување храна, информираше дека инспекторите интензивно работат на терен, при што во текот на контролата е забележано непридржување во примената на протоколите за отворање и работа на кафетериите и на угостителските објекти за исхрана.

Директорот Пауновски истакна дека во текот на вчерашниот ден Државниот пазарен инспекторат направи увид и дека сериозните прекршувања кои се забележани ќе бидат санкционирани согласно членот 205 и 206 од Уредбата донесена од Владата.

– За жал, увидот на инспекторите од терен уште на првиот ден е крајно разочарувачки и загрижувачки! Забележани се голем број и многу сериозни пропусти и непочитување на одредбите од протоколите. Во Државниот пазарен инспекторат ги оценуваме и како злоупотреба на добрата волја во првата недела од воведување на протоколите за работа на кафетериите и рестораните да не се изрекуваат казни од страна на поголем број сопственици и менаџери, информираше директорот Пауновски.

Тој посочи дека овие протоколи се донесени за да се спречи ширењето на коронавирусот, бидејќи КОВИД-19 е сè уште меѓу нас.

Директорот Пауновски истакна дека иако дел од угостителите ги почитуваат мерките, сепак е забележана тенденција на непочитување и од страна на угостителите и од страна на гостите кои ги посетуваат локалите, за која најави дека нема да се толерира. Воедно тој истакна дека овој начин на однесување е сериозна закана за здравјето на граѓаните и уште тешка опструкција на мерките за спречување на ширењето на вирусот.

– Од овие причини, најавувам дека Државниот пазарен инспекторат од денеска ригорозно ќе ги применува своите надлежности. Ќе имаме интензивно присуство на терен и секоe прекршување на одредбите од протоколите ќе биде казнето, потенцираше Пауновски.

Тој упати апел до сите граѓани дека ситуацијата е сериозна, дека се работи за сите нас и повикува на свесност и совесност во примената на протоколите за безбедно работење на угостителските објекти.

Во продолжение одредбите од протоколите:

Протокол за отворање и работа на кафетерии утврдува дека нивното работно време е од 08:00-22:00 часот, и се дозволува работа само на отворените делови – терасите од кафетериите кои се од три страни отворени со кровна конструкција.

Вработените во кафетериите кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце, а бројот на гости е ограничен само на тие што можат да седат, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и на стоечки маси.

Протоколот предвидува задолжително менаџирање на влегувањето на гостите од одредено одговорно лице пред влезот на угостителскиот објект.

Во просторот за послужување на гости, каде има поставено маси, да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2m со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица. На една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство.

Сопствениците или менаџерите на кафетериите се задолжуваат да постават дезинфекционо средство за раце на секоја маса, и да определат одговорно лице коешто ќе врши засилени внатрешни контроли на вработените за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на пијалоци.

Протоколот утврдува засилени санитарно-хигиенски мерки, задолжително пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, по заминување на секоја тура на гости, а на крајот на смената е задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, а алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

Протоколот наведува дека е задолжително редовно одржување на тоалетите со водење на евиденција за спроведеното чистење со употреба на дезинфекциони средства. Забрането е користење на сушачи за раце во тоалетите, а задолжително е користење на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Во оваа фаза протоколот забранува организирање на прослави како што се приватни веселби, родендени, свадби и слично. (Крај)

извор: Влада на РМ фото: МИА

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука