ЕКОЛОГИЈА Избор

Од НП „Галичица“ ги обновуваат информативните табли и патокази

Охрид, 4. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Националниот парк „Галичица“ е една од најпосетените туристички детинации во земјава. Секоја година се забележува тренд на зголемување на бројот на посетители кои уживаат во активности на отворено. 

Поради тоа беше потребна ревитализација на системот на патеки (во вкупна должина од 202,6 километри) и обновување на информативните табли и патокази.

– Ревитализацијата на системот на патеки започна во април оваа година, но заради ситуацијата со пандемијата на COVID-19, активностите беа со намален интензитет, секако, во согласност со мерките и препораките на Владата за заштита и превенција. Ревитализацијата ќе биде завршена кон крајот на јуни. Со обновувањето на инфраструктурата долж системот на патеки ќе бидат целосно заменети 66 информативни табли и повеќе од 100 патокази. Исто така, во текот на 2020 година беа спроведени активности за изработка на План за управување со паркот (2021-2030 година). Активностите ги спроведоа внатрешните членови на тимот за планирање, вработени лица во установата. Во подготовката на овој основен плански документ учествуваа и надворешните членови на тимот за планирање, кои се претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, стручни невладини организации и институции од областа на животната средина. Планирано е заклучно со 31-ви декември 2020 година Планот за управување со НПГ да биде одобрен и донесен, велат од НП „Галичица“.

Во текот на 2018 година, оваа јавната установа започна со трансформација на своето работење во делот на обезбедување средства со кои се финансира заштитата на природата. Дотогашната пракса за целосно покривање на оперативните трошоци со приходи добиени од директно искористување на природните ресурси (главно сеча и производство на огревно дрво) почна да се менува со зголемување на приходите генерирани од туризам. Оваа година управата на паркот донесе одлука за целосно запирање со директното искористување на природните ресурси, т.е. прекин на производството на огревно дрво. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука