ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Ден на Охридско Езеро

Охрид, 21. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Секоја година, 21-ви јуни се прославува како Ден на Охридско Езеро.

Посебно, прекрасно и уникатно…

Охридското Езеро за охриѓани има и дополнителна, емотивна вредност, а за државата и светот и практична и раритетна единственост, затоа што од биолошки аспект претставува најзначаен стагнантен акватичен екосистем во Европа. Во светот има само неколку езера чија старост би можела да се споредува со Охридското Езеро. Можеби, единствено Тангањика во Африка и Титикака во Јужна Америка настанале во ист геолошки период. Ретко е и според начинот на кој настанало – со вертикално пропаѓање на почвата, што го вбројува во релативно малиот број езера кои настанале на ваков начин. Меѓу другите, така настанало и најдлабокото на светот, Бајкалско Езеро во Сибир, Русија, кое е стотина пати поголемо од Охридското Езеро. Водите на двете езера ги населува сличен ендемичен растителен и животински свет.

Јавноста и еколозите победија: Студенчишкото блато останува во ...

Охридското Езеро е сместено во котлина која од сите страни е опкружена со планини чии врвови често надминуваат 2.000 метри надморска височина. На источната страна се наоѓаат планините Петрино и Галичица, со врвот Магаро (2.255 метри). Планината Галичица ја дели Охридската и Преспанската котлина. На јужното крајбрежје на езерото се наоѓаат албанските планини.

Поради неговите посебности, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО, статус кој со неконтролирано градење и негрижа кон живиот и растителниот свет деновиве е доведен во прашање.

Биосферниот резерват – голема инвестиција за иднината на Охрид и ...

Охридското Езеро со право го заслужува името – македонско слатководно море, и тоа не само поради топлата сина боја, која е поинтензивна и од небесното синило, туку и поради големината, бидејќи зафаќа површина од 358 км2. Најголемата должина изнесува околу 30 километри, а широчината варира – од максимални 15 километри, до средна широчина од 11 километри. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 километри од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151 метар. За бистрата вода, чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост, помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат по должината на источниот и јужниот брег. Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40 реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија.

Трите крајезерски градови, Струга, Охрид и Поградец традиционално овој ден го обележуваат со богата културно уметничка програма, а годинава требаше да се прослави по 20-ти пат. Трите езерски општини, во 2000-та година потпишаа меморандум за разбирање и заштита на езерото и на 21-ви јуни со различни активности, наизменично секоја година го одбележуваат Денот на Охридското Езеро. Целта на одбележувањето е да се подигне јавната свест и да се покаже грижата за заштита на езерото од македонска и од албанска страна, но и да се покаже дека туризмот е базиран врз ендемизмот и еколошките услови што ги нуди охридскиот регион.

Корона кризата ги одложи овие чествувања за некои подобри времиња. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука