ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Се уредува крајбрежјето каде се уриваа нелегални објекти (Фото)

Охрид, 22. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на општинските јавни претпријатија во координација со Општина Охрид од денес ќе започнат со активности за уредување на крајбрежниот простор на Охридското Езеро, во потегот од „Горица 3“ до хотелот „Аквалина“ каде што во текот на изминатата седмица се вршеше отстранување на нелегални објекти и остатоци од урбана опрема.

Оваа седмица ќе се врши расчистување на теренот, подигнување на градежниот шут и несоодветниот материјал (тампон), со кој било вршено насипување на крајбрежјето. До сега се подигнати преку 1.000 м³ градежен шут.

Во текот на наредните денови ќе се врши насипување и уредување на плажата со речна песок, која што е дозволена согласно Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион.

– Упатуваме апел до сите сопственици на објекти на крајбрежниот појас од населбата „Свети Стефан“ до потегот на крајбрежјето кај „Градиште“, како и потегот на крајбрежјето во делот на населбата „Канео“ и во делот на населбата „Далјан“, кои нелегално поставиле урбана опрема и платформи, а на кои им беше даден рок самите да ги отстранат нелегалните градби, оваа седмица да пристапат кон отстранување на истите, велат од општина Охрид.

Процесот на отстранување на урбаната опрема и бесправните градби од крајбрежниот појас на Охридското Езеро, според планираното ќе продолжи во понеделник, 29-ти јуни, по завршување на активностите на уредување и ќе трае се до конечно расчистување на крајбрежјето. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука