ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Плажа „Немо“, десетина дена подоцна (Фото)

Охрид, 26. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – По уривањето на првата плажа во населбата „Свети Стефан“, општина Охрид пред десетина дена започна со активности за отстранување на урбаната опрема и објектите на плажата „Немо“ во „Горица 3“.

Акцијата започна откако претходно Владата на Република Македонија донесе Уредба плажите да се вратат во првобитна состојба поради истечените концесии на закупците.

Денес беше забележително дека плажата веќе започна да се користи за капење, но и дека има се’ уште работа да се отстрани градежниот шут. Во рамки на уредувањето беа ангажирани екипи на сите општински јавни претпријатија, при што се изврши подигнување на градежниот шут и несоодветниот материјал, а планирани се и активности за насипување и уредување на плажата со соодветна речна песок. Дел од сопствениците на објекти на крајбрежниот појас од населбата „Свети Стефан“ до потегот на крајбрежјето кај „Градиште“, веќе започнаа самостојно да ги отстрануваат поставените нелегални објекти на плажите. Одговорните упатуваат апел и до останатите сопственици да постапат по дадените препораки.

Министерот без ресор, задолжен за дијаспората и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми, денес, заедно со градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески извршија увид на работните активности за уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро, каде што минатата седмица се вршеше отстранување на урбана опрема и бесправни градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. Адеми и Константин Георгиески на средбата ја потенцирале посветеноста на Локалната и централната власт во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и имплементација на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Од охридската локална самоуправа потенцираат дека процесот на отстранување на урбаната опрема и бесправните градби од крајбрежниот појас на Охридското Езеро, според планираното ќе продолжи по завршување на активностите на уредување и ќе трае се’ до конечно расчистување на крајбрежјето. (Крај)

извор: ОхридПрес/Општина Охрид фото: ОхридПрес/Општина Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука