Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

На влезот во Охрид се урива нелегално изграден хотел (Фото)

Охрид, 6. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – По отстранувањето на диво изградените плажи во Св. Стефан и Славија, денес во Охрид продолжи акцијата за уривање на нелегално изградените објекти.

Со отстранување на кровната конструкција, започна уривањето на хотелот „Грин спејс“, лоциран на самиот езерски брег, на влезот во Охрид, по стариот пат од Струга. Сопствениците тврдат дека станува збор за селективност во уривањето, а првиот човек на градот, градоначалникот д-р Константин Георгиески тврди дека се постапува по сите решенија за отстранување.

– Сега одиме и со поголеми објекти, затоа што имаме дополнителни средства за отстранување. Се’ што е со решение за отстранување, ќе се отстрани, потенцира Георгиески.

Дали ќе биде така останува да покаже времето, особено ако се знае дека хотелот кој се уриваше денес е на само неколку стотини метри од бетонската база која исто така е помеѓу објектите кои се дивоградби.

Image may contain: sky, cloud, house, tree, plant, grass, outdoor and nature

И министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денес беше во посета на Охрид, порача дека нема да има толеранција и дека законот ќе се спроведува неселективно.

– Законите мора да важат за сите. Надлежност има Државниот градежен инспекторат онаму каде што немаат ингеренции градоначалникот и општинскиот градежен инспекторат. Таму каде што не постапуваат тие, ќе постапат инспекторите од Државниот градежен инспекторат. Од минатата недела инспекторите се веќе излезени на терен. Станува збор за неселективна примена во делот на дивоградбите, не за човек, не за некој поединец, тоа треба да се однесува за сите. Државниот градежен инспекторат е на терен во регионот на Орхид и Струга, потенцира Сугарески.

Во однос на самоволието кое го демонстрира струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Сугарески со став дека тие можат да калкулираат од страна на општината, но дека од страна на државата нема да се калкулира.

– Зошто би се правело тоа во Охрид, а не во Струга. Инспекциски служби има општината и Државниот градежен инспекторат и врз база на тоа треба да одат и да постапуваат. Сум кажал и претходно, за било која општина мора да се постапува. Ние инсистираме да постапува не само општината, туку и Државниот градежен инспекторат во целост по сите решенија и заклучоци кои се донесени, додаде министерот Сугарески.

Image may contain: sky, tree, house, plant, cloud, grass, outdoor and nature

Неодамна, од Струга и првиот човек на СДСМ Зоран Заев порача дека „тргна Охрид, ќе тргне и Струга, ако не, ќе ѝ се земат надлежностите“.

– Ќе ги вратиме плажите во Струга онака како што е замислено со протоколите на УНЕСКО. Мора да си го сочуваме статусот во УНЕСКО, бидејќи ако го изгубиме, сме изгубиле сѐ. Ова драгоцено бисерче мора да го сочуваме, инаку што ќе им кажеме на децата? Затоа, ќе расчистиме до крај. Градот може да се организира само во согласност со УНЕСКО. Од другата страна на езерото се отстранува сѐ (што е нелегално и го загрозува статусот), ќе се остранува и тука. Не се мешаме во општинската власт, но ако не се почитува тоа, ќе му ја земеме надлежноста на градоначалникот Мерко и на крај ќе му ја дадеме фактурата да ја плати, рече Заев на митингот во Струга. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука