Спорт

Ракометарките како носителки влегуваат во првата ждрепка за СП

Виена, 8. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска ќе ги добие противниците во првата квалификациска фаза за Светското првенство во 2021 година.

Во денешната ждрепка, која ќе почне од 15 часот, Македонија ќе влезе од првиот шешир, со шанси да добие поволна група за прогрес понатаму. Во првиот шешир, заедно со нашата репрезентација се Австрија, Словечка, Турција и Белорусија, репрезентации, кои сигурно нема да ни бидат противници.

Без разлика дали ќе бидеме извлечени во група со три или со четири екипи, во втората фаза од квалификациите ќе се пласираат првите и вторите селекции од секоја група. Натпреварите ќе се играат турнирски, кај еден домаќин, во термините од 27 до 29 ноември или од 4 до 6 декември.

Втората фаза се елиминациските баражи, во јуни 2021, кои досега беа непремостива пречка за македонските ракометарки. Сепак, овој пат мундијалската врата е пошироко отворена, затоа што на Светското првенство во 2021 година ќе учествуваат 32, наместо досегашните 24 селекции, а Европа ќе има 16 места.  Од нив две веќе се зафатени од домаќинот Шпанија и од актуелниот светски првак Холандија, а уште четири ќе бидат резервирани од најдобрите четири селекции на ЕП 2020, така што десет ќе останат за пласман преку баражите.

Македонија успеваше да го мине првиот стадиум од мундијалските квалификации во претходните два циклуса, за 2019 и за 2017 година, но запираше во баражите, елиминирана од Шведска, односно од Словенија. Оттука би било неуспех ако не се пласираме на една од првите две позиции, без разлика каква група би добиле на денешната ждрепка.

Пренос во живо од извлекувањето на групите ќе се врши на Јутјуб-каналот на ЕХФ.

Шешир 1: Македонија, Австрија, Словачка, Турција, Белорусија
Шешир 2: Украина, Италија, Швајцарија, Исланд, Португалија
Шешир 3: Литванија, Фарски Острови, Косово, Израел, Финска
Шешир 4: Грција, Луксембург. (Крај)

извор: Спорт1.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука