Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

15-ти јули прогласен за неработен ден, на работа се враќаат родителите чии деца се веќе на распуст

Скопје, 8. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата го прогласи 15-ти јули за неработен ден заради непречено спроведување на изборниот процес за предвремените парламентарни избори и истиот нема да се одработува.

Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести, со кој од категориите на лица кои се ослободени од работа и работни активности – родителите на деца до 10-годишна возраст, во овој период да се вратат на работните места само родителите на децата кои се вклучени во воспитно-образовниот процес во училиштата, имајќи предвид дека учебната 2019/2020 година е завршена.

Дополнително, институциите кои за време на претстојните предвремени избори за пратеници во Собранието имаат зголемен обем на работа во делокругот на нивната надлежност поврзана со изборниот процес, како на пример Основниот и Вишиот управен суд, Државната изборна комисија и други, да ги вратат во редовен работен процес вработените лица во овие институции кои по различни основи се опфатени и ослободени од работни активности со мерките и препораките на Владата со цел непречено извршување на редовните законски надлежности поврзани со активностите во изборниот период.

На вчерашната седница Владата го утврди Протоколот за работа на Дневните центри за деца и лица со попреченост во услови на епидемија на заразната болест КОВИД-19.

Министерството за труд и социјална политика, како надлежно во делот на дневно згрижување на деца и лица со попреченост, го подготви протоколот кој се заснова на одлуките, препораките, одредбите, протоколите и останатите пишани документи издадени од Владата, Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по укинување на вонредната состојба и со започнувањето со работа на дневните центри.

На оваа седница се усвоени и измени и дополнувања на Протоколот за начинот и условите за организација на настани исклучиво на отворен простор.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за поттикнување на безготовинските плаќања кај единиците на локалната самоуправа, и донесе заклучок на сите единици на локалната самоуправа кои досега немаат воведено ПОС терминали за наплата на општинските услуги, да ја воведат оваа опција за плаќање на нивните услуги најдоцна во рок од 1 година од денот на усвојување на оваа информација.

Со заклучоците на Владата уште им се препорачува на општините кои користат ПОС терминали за наплата на нивните услуги, да го прошират видот на услугите кои може да се платат безготовински. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука