ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Започна отстранувањето на бетонската база на советникот Усеини

Охрид, 10. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денес започна отстранувањето на бетонската база, лоцирана во близина на брегот на Охридското Езеро, а во сопственост на советникот од редовите на ДУИ Нефи Усеини.

Градежна механизација ангажирана од Општината со кранови почна да ги отстранува дивоизградените објекти од брегот на Охридското Езеро во населбата „Далјан“.

– Акцијата на оваа локација почна денеска и ќе продолжи во наредните денови. Станува збор за објект кој е изграден без каква било дозвола, велат од Општина Охрид.

Од друга страна Усеини во изјава за Тв Телма тврди дека веќе една година чувствувал голем товар бидејќи непотребно бил обвинуван дека е главен виновник за тоа што постоеше опасност Охридскиот регион да го изгуби статустот на УНЕСКО.

– Од општината и градоначалникот Георгиески барам да се изнајде решение и конечно да се излезе во пресрет на нашето и барањето на останатите бетонски бази кои се нелегално поставени и без соодветна документација и одобренија за обезбедување на оодветни локации каде ќе може да продолжиме да ја извршуваме оваа дејност, вели Усеини за Телма.

Парцелата на која е изградена базата е во сопственост на Исламската верска заедница, која ја добила преку процесот за денационализација во периодот од 2013 до 2014 година.

Општина Охрид пред две недели почна со акција за отстранување на дивиозградени објекти, шанкови и платформи долж Охридското Езеро. (Крај)

извор: сдк.мк/ТвТелма фото: стандард.мк

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука