Охрид, 12. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Ноќеска на полноќ започнува изборниот молк во пресрет на предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат во среда, на 15-ти јули.
Поминаа 20 дена во кои партиите и коалициите ги презентираа своите програми и предлози за развој на државата пред граѓаните.
Поради состојбата со COVID-19 овој изборен циклус се одвива во специфични услови. На полноќ почнува изборниот молк по што веќе од утре почнува гласањето, кое годинава за првпат ќе трае три дена поради актуелната ситуација со корона вирусот. Според Роковникот за одржување на изборите, утре ќе гласаат лицата со COVID-19 и во самоизолација, на 14-ти јули болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор. На 15-ти јули, кој е прогласен за неработен ден, гласањето на парламентарните избори ќе започне во 07:00 часот наутро, а поради актуелната состојбаќе биде продолжено и ќе трае до 21:00 часот.
До Општинската изборна комисија во Охрид пристигнале 241 барање за гласање од лица со хронични болести и 33 од лица со COVID-19.
Од 89 избирачки места во Охрид на кои ќе се гласа во среда, 20 се преместени заради почитување на здравствените протоколи. Овие избирачки места се префрлени на ниови локации, бидејќи претходните, од минатите изборни циклуси не ги исполнуваа условите за безбедно спроведување на гласачкиот процес, имајќи ја во предвид актуалната состојба со вирусот COVID-19, информира за Супер радио и OhridPress Марга Димковска, раководител на поддрачното одделение на Државната изборна комисија.
Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список. Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните подготвени од Комисијата за заразни болести. Првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат, Државната изборна комисија ќе ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршување на изборите. Конечните резултати од изборите ДИК треба да ги објави најдоцна во рок од 24 часа од денот на завршувањето на изборите.
Од ДИК излегоа со задолжителни препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес. (Крај)
извор: МИА/ОхридПрес фото: архива