Скопје, 15. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Досега, од почетокот на гласањето во oсновните јавни обвинителства, како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса [email protected] нема пристигнати пријави за изборни нерегуларности поврзани со настани од процесот на гласање.
Во текот на ноќта и предизборните денови пристигнати се неколку известувања. Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должности и кои се предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик. За останатите известувања, јавните обвинители преземаат дејствија во предистражна постапка за да се утврди постоењето на кривичното дело и сторителот.
Рано утринава е пријавен настан кој се случил во 03:20 часот во ПО Галате каде дошол претседателот на Месната Заедница од с.Дебреше и пријавил кршење на предизборен молк од страна на две лица од село Дебреше. Лицата со автомобил низ селото растурале пропаганден материјал-флаери на една од коалициите. При што биле забележани и физички нападнати од друго лице. Од настанатите повреди едно од лицата кои делеле пропаганден материјал е пренесен во Ургентен центар -Гостивар. Сите иволвирани во моментот се во ПО Галате .Се работи на расчистување и документирање на случајот.
За овие настани, како и за сите останати информации и известувања кои евентуално би пристигнале во обвинителствата, надлежните јавни обвинители, како и Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности , итно и со приоритет во работењето ќе ги преземат сите потребни дејствија за расчистување на настаните. (Крај)
извор: Јавно обвинителство фото: архива