Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Пазарна пресече, угостителите реагираат: Нема забави со бендови и Дџ-и, мерките остануваат на сила

Охрид, 21. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Последните објави на социјалните мрежи и фотографиите со преполни клубови во Струмица и Виница ја преполнаа и чашата кај одговорните, кои најавија зајакнување на мерките во насока на спречување на ширењето на COVID-19.

Претставници на Пазарната инспекција денес остварија средба со охридските угостители на која им биле презентирани најновите насоки и препораки.

Угостителите, кои се видно револтирани и тврдат дека ова може да значи крај за многу бизниси во градот. За Супер радио и OhridPress велат дека е важно да нема селективност и мерките да важат за сите. Предвидено е работно време до 01:00 часот, забрана за забави со бендови или Дџ-и и останатите мерки за семејно групирање, како и бројот на дозволени лица во објектите, според претходно донесените мерки.

Од инспекторатот најавиле и засилени контроли и дека непочитување на препораките може да значи и намалување на работното време до 22:00 часот.

Според најавите, можно ќе биде само организирање на настани на отворено (стадиони и сл), но со строго почитување на протоколите и само со половина капацитет.

Во меѓувреме, дел од угостителите и туристичките работници побараа од вицепремиерката Мила Царовска да продолжи финансиската поддршка за овие сектори, кои се најпогодени од кризата. Угостителите веќе неколку недели бараат да им се дозволи да организираат забави и прослави, со цел да ја вратат својата ликвидност. Во спротивно, најавуваат и протести.

Инаку, казни од 3.000 евра веќе добија два угостителски објекти, каде не се почитувале протоколите за работа во време на пандемија, еден во Струмица и еден во Виница. Директорот на Пазарна инспекција, Стојко Пауновски, вели дека ќе поднесат и кривични пријави, за што управителите може да заработат казна затвор од една до четири години.

Пријави до Пазарна за непочитување на протоколите стигнале и за угостителски објект во Прилеп но, со оглед на тоа што инспекторите не стигнале на време на терен, надлежноста се префрла во Основното јавно обвинителство, каде веќе отворија предмет по допрен глас.

– Постапувајќи по оформениот предмет, надлежното обвинителство издаде наредби за утврдување на фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност, како и за обезбедување докази, информираат од Јавното обвинителство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука