ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Планинската спасителна служба спаси лице врз кое паднало дрво при сеча кај Косел

Охрид, 21. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Оперативниот центар на Планинската спасителна служба (ПСС), утрово, околу 09:30 часот доби повик од граѓанин кој пријавил несреќа што се случила при сеча на дрва, на планински терен на потегот од село Косел кон село Опеница.

Според првичните информации, при сечата, поголемо стебло паднало врз еден од работниците и му нанело сериозни повреди. Местото на несреќата беше лоцирано со помош на SMS системот за лоцирање, по што веднаш била мобилизирана петчлена екипа која се упатила на терен и во 10:12 часот пристигнала на местото на несреќата.

– Кај повредениот, првично беа констатирани повреди во пределот на градите и десното рамо, како и отворена фрактура на лева потколеница. Му беше укажана прва помош, беше целосно имобилизиран и со теренско возило транспортиран до село Косел, од каде во 11:00 часот го презеде возило на Итната медицинска помош и го пренесе во соодветна здравствена установа на понатамошно лекување.
Ова е седма интервенција на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид од почетокот на годината, со која и покрај COVID-19 кризата, статистички е постигнат рекорден број на интервенции заклучно со месец јули, информираат од ПСС.

Од Планинската спасителна служба, уште еднаш апелираат до сите љубители на планината и до оние кои извршуваат одредени стопански дејности на планина, да бидат повнимателни, да бидат подготвени за основно делување во вонредни ситуации, да бидат соодветно опремени за активноста и условите на теренот, како и навремено да се обратат за помош во случај на несреќа, на дежурниот број на ПСС 13112 или на останатите служби СВР Охрид 192, Брза помош 194 или Центар за управување со кризи 195. (Крај)

извор: ПСС фото: ПСС

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука