Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Трет Beach Film Festival во Охрид, публиката ужива во проекции на плажа и брод

Охрид, 24. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Публиката деновиве ужива во програмата што ја нуди третиот по ред Beach Film Festival во Охрид.

Со оглед на актуелната состојба со коронавирусот и во насока на почитување на здравствените препораки фестивалот оваа година наместо на плажата Оревче се одржува на плажата Св. Стефан. Новина е тоа што филмски проеции се одржаа и на бродот „Армада“, на кој публиката гледаше филмови крстарејќи по Охридското Езеро.

Во склоп на фестивалот се проектираат македонски студентски филмови, а предвидени се и бројни работилници за актерска игра. Вчера започна работилницата „Од филм без буџет до долгометражен филм“ под менторство на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, а од денеска и тридневна работилница под мото „Озвучи ја својата имагинација“, предводена од актерката и театролог Христина Цветаноска. Покрај ова, фестивалските вечери се збогатени и со музичка програма.

 

Вечерва на плажата Св.Стефан од 20:45 часот е долгометражниот филм Love Cut и втор блок од кратките филмови. 

Жирито, кое е составено од три филмски уметници, Наташа Петровиќ – актерка, Вардан Тозија – режисер и Елена Станишева – продуцентка, ќе одлучува за најдобрите филмови и ќе ги додели наградите за најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен филм и најдобар студентски филм. Исто така, жирито ќе одлучува и за наградата „Стефан Сидовски“ за најдобро актерско остварување. Наградата е воведена на второто издание на фестивалот во чест на синеастот што ја задолжи македонската (како професионална, така и независна) кинематографија, професорот Стефан Сидовски – Сидо.

Третото издание на Beach Film Festival во Охрид завршува во недела. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: FB/Beach Film Festival

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука