Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ Туризам

Вработените во туристичките агенции на масовен протест, бараат спас од банкрот

Скопје, 28. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Вработените во туристичките агенции утре ќе излезат на масовен протест, на кој од одговорните институции ќе бараат спас од банкротот кој им се заканува.

– Сведоци сте на нашата борба во изминатите пет месеци за опстојување на нашиот сектор, поради кризата со COVID-19, како и барањата кои во повеќе наврати ги упативме кон сите надлежни институции, Министерство за економија, Министерство за финансии, со цел помош на туристичките агенции, водичи, пратители и превозници, но досега останаа неми за нашите апели и ниту еднаш не добивме никаква надеж дека воопшто ќе бидат истите разгледани. Од таа причина, одлучивме масовно да ја изразиме големината на нашиот проблем, преку мирен протест, кој ќе се одржи во среда, на 29-ти јули 2020 година, со почеток во 16:00 часот. На овој мирен протест се пријавени повеќе од 700 учесници кои ќе се движат по одредена рута и автобуси кои ќе ги пратат. Почетокот на протестот ќе биде симболично пред Дрво Декор, местото од каде некогаш започнуваа реализациите на нашите тури, а ќе продолжи кон Кочо Рацин, 11-ти октомври, Димитрие Чуповски, Васил Главинов, булевар ВМРО, булевар Илинден, до Владата на Република Македонија. Секако, планирано е повторно обраќање на дел од учесниците, со цел повторно да се напомене дека цели пет месеци сме без никакви примања, без никаква можност за одржување на функционалноста на нашите сектори и дека доколку државата не ни даде помош ќе бидеме приморани веќе во наредните денови да ставиме катанци на нашите врати, информираат организаторите.

Додаваат дека овој протест нема никаква политичка позадина и строго се оградуваат од било каква поврзаност.

– Бидејќи истиот се одржува во време на пандемија, уверуваме дека ќе се придржуваме до мерките за заштита како носење на маски и дистанцирање. Само заеднички ќе успееме да се избориме за опстанок на повеќе од 5,000 вработени и повеќе од 300 агенции во целата држава, потенцираат организаторите на протестот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука