Економија Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Канал 5: Ниту еден организатор не ги пријавил најавените концерти во Охрид

Охрид, 28. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Ниту еден организатор, домашен или странски, не пријавил некој од најавените концерти за ова лето во Охрид.

– До овој момент во СВР охрид не е добиено официјално барање од институција која што е организатор на концерти, домашна или странска, и не се најавени концерти во Охрид. СВР по допрен глас дозна за најавените концерти и изврши одредени контакти со досега познати организатори на музички концерти во Охрид и земјава, но од нивна страна не е добиена информација дека истите биле вклучени во некаква организација на музички концерти во Охрид, велат од СВР Охрид за Канал 5.

Според истиот извод, доколку има концерти, во рамките на своите законски активности, СВР Охрид самостојно, но и во соработка со ДПИ и други надлежни служби ќе врши интензивни контроли во однос на безбедносно-здравствените протоколи од COVID-19.

Од СВР Охрид најавиле и дека ќе поднесат соодветни пријави за непочитување на протоколите.

Во исто време, охридската јавност е со поделени мислења за тоа дали треба да се организираат вакви масовни настани, особено во време кога се’ уште имаме високи бројки на заболени лица од COVID-19. Неодамна на угостителските објекти им беше наложено дека нема да можат да организираат музички и Дџ настани на отворен и затворен простор и дека е задолжително менаџирање со редарски служби на влегувањето на гостите.

Од друга страна, топлото време ги наполни плажите, а редовна слика е гужвата на Градскиот кеј. Глетката е убава за око, но за жал, во исто време претставува и вистинска „темпирана бомба“, особено за време на викендите. Според официјалните бројки на Министерството за здравство на Република Македонија, најголемиот број заболени лица се од Скопје, од каде доаѓаат и најбројните гости во Охрид. Следниот викенд се очекува уште поголема гужва, затоа што Охрид ќе го живее Илинденскиот викенд, кој традиционално го означува шпицот на сезоната. (Крај)

извор: Канал5/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука