COVID-19 Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

ИЈЗ: Намален број новозаболени и починати, над 40 отсто од новите случаи контактирале со заболен пациент

Скопје, 29. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Намалување на бројот на новозаболени и починати лица од COVID-19, зголемување на бројот на оздравени во однос на претходната недела, над 40 отсто од новозаболените лица контактирале со заболен пациент. Ова е наведено во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 20-ти до 26-ти јули.

Во анализираниот период направени биле вкупно 9.563 тестирања (1.402 повеќе од периодот од 13-ти до 19-ти јули) и регистрирани се 956 позитивни случаи на COVID-19, што е за 82 случаи помалку од претходната недела. Во периодот на известување 10 отсто од тестираните се позитивни на COVID-19.

Новозаболени се регистрирани во 29 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (37,3 отсто – благо намалување во однос на претходната недела) и во Штип (16,1 отсто благо зголемување во однос на претходната недела). Во 17 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20. Во однос на старосната структура на новозаболените во овој период најголем процент се лица на возраст од 50 до 59 години (22,3 отсто), а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 40 до 49 и над 60 години – 19,6 отсто во двете групи.

Најмал број на новозаболени има кај децата на возраст до девет години – 2,6 отсто и од 10 до 19 години – 4,7 отсто од вкупниот број на новозаболени. Од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 127 лица или 14,2 отсто, а кај 279 лица или кај 31,3 отсто регистрирано е присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени 44,4 отсто имале контакт со потврден случај на COVID-19, а 21 лице (девет повеќе од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена. Во периодот од 20-ти до 26-ти јули регистрирани се 654 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 109 лица или 20 отсто повеќе од претходната недела на известување (13-19 јули).

Во периодот од 20-ти до 26-ти јули, регистрирани се 32 смртни случаи, што е 12 помалку од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години (84,4 отсто). 29 од случаите се починати во болнички услови, а три вон болнички. Кај 26 од смртните случаи (81,3 отсто) регистрирани се претходни коморбидитети, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука