Избор Свет

Хрватска резервира 1,5 милион дози вакцина против COVID-19

Загреб, 29. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, синоќа изјави дека пред два дена потпишал договор на европско ниво за резервација на 1,5 милион дози од вакцината против ковид-19, но не прецизираше од кој производител.

Тој посочи дека постои уште една глобална иницијатива, за која Хрватска сè уште не е сигурна дали треба да ѝ се придружи.

– Парите нема да бидат проблем кога ќе се појави вакцина што ќе биде релевантна, но до тогаш има многу време и испитувања – рече Берош и додаде дека би сакал да биде оптимист, но дека не е сигурен колку брзо ќе дојде вакцината.

Берош, исто така, изјави дека новата апликација „Стоп Ковид“ е преземена повеќе од 15.000 пати досега.

– Никој не може да ја замени директната работа на епидемиолозите, но оваа апликација може да помогне да се информираат сите лица кои биле во контакт во последните 14 дена со позитивно лице – рече Берош. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука