Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Џафери ја закажа конститутивната седница на Собранието, за 4-ти август точно напладне

Скопје, 29. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Првата конститутивна седница на Собранието ќе се оддржи на 4-ти август точно напладне. Решението за свикување на седницата го потпишал претседателот на Собранието Талат Џафери, информираат од кабинетот на Џафери.

Во соопштението не се наведува дали Џафери ќе претседава со конститутивната седница, бидејќи се уште е хоспитализиран на Инфективната клиника заради пневмонија.

Доколку Џафери поради здравствени причини е спречен, со седницата ќе претседава највозрасниот пратеник од новиот парламентарен состав.

– Со оглед на новонастанатата состојба со пандемијата ковид-19 и во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од корона вирусот – велат од Собранието.

Конститутивна седница на Собранието најдоцна за 20 дена, треба да ја свика Џафери

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.

– Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема. Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ – информира Собранието.

Пренос од Конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца. Во текот на денот, во сите простории каде што има активности, по нивното завршување ќе се прави дезинфекција.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите ќе важат одредени протоколи за следење на конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот.

За да се избегне поголемо групирање, конститутивната седница ќе може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум. Медиумите чии претставници ќе ја следат конститутивната седница, треба да го пријават нивното присуството во заразни болести, капацитетот на просторот дозволува најмногу 50 претставници на медиумите.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието нема да работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во Прес центарот.

Со цел да се обезбеди поголема здравствена заштита, а со оглед на тоа дека станува збор за голем настан, кој ќе се одвива во затворен простор, на сите присутни во зградата им се препорачува да го лимитираат движењето низ зградата и постојано да носат заштитна маска. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука