ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Прличев останува „овенчан“ со ѓубре, 4 месеци по датумот за дислокација

Охрид, 30. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе од 4 месеци по датумот за кој беше закажана дискокацијата, спомен бистата на нашиот преродбеник Григор Прличев и понатаму останува „овенчана“ со ѓубре.

Откако пред четири години ловороносецот Прличев го „овенчаа“ со подземен контејнер пред неговиот споменик во центарот на Охрид, советниците, на иницијатива на одделението за култура, во февруари оваа година донесоа одлука за дислокација на неговата спомен биста од паркот пред градската библиотека. Како нова локација е избрана зелената површина помеѓу двата влеза на градската бибилотека, пред големиот изложбен салон на Центарот за култура.

– Според проектот, бистата ќе биде преселена помеѓу двата влеза на градската библиотека, таму ќе биде поставено истото спомен обележје, само ќе биде подигнато, а просторот ќе биде хортикултурно уреден, изјавија тогаш за Супер радио и OhridPress од општина Охрид.

Целата постапка требаше да заврши до 25-ти март, кога требаше да се одбележи големиот јубилеј, 160 години од добивањето на ловоровиот венец за поемата „Сердарот“.

За дислокацијата на споменикот стана збор и на денешната седница на Градскиот совет. Одговарајќи на советничко прашање, градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески истакна дека оддолжувањето на постапката било поради актуелната состојба и презафатеноста на Јавните претпријатија и дека со истата ќе се започне во догледно време.

Во септември 2016 година, на предлог на Центарот за развој на југозападниот плански регион беше поставен подземен контејнер на само 2-3 метри од споменикот на Григор Прличев. Охридската јавност бурно реагираше на избраната локација, пред сé поради непочитувањето кон локот и делото на македонскиот поет и преродбеник, роден во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука