Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Општина Охрид не издала дозвола за одржување на концерти на просторот во поранешната касарна

Охрид, 30. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во моментов немаме издадено дозвола за одржување на концерти на просторот во поранешната касарна, иако менаџерските куќи ги промовираат настаните и термините за одржување.

– Нема да биде издадена дозвола за користење на просторот, доколку организаторите не ги поседуваат сите капацитети утврдени во одредбите од протоколот, истакна на денешната прес конференција градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески.

Тој е дециден дека најголемиот проблем за надлежните институции се најавите за организација на бројни музички настани на повеќе локации на отворено, кои се очекува да привлечат голем број посетители, затоа што се одржуваат за време на Илинденскиот викенд, кој традиционално е најисполнет и го означува шпицот на сезоната во Охрид.

– За локации каде не е надлежна општината немаме ингеренции да ги забраниме најавените концерти, ниту пак забавите во приватна режија, за тоа се задолжени МВР и Пазарниот испекторат. Во период на зголемен број на посетители во градот и продолжен празничен викенд кој ни претстои, најголем проблем за надлежните институции се музичките настани, за кои постои интерес. Комисијата за заразни болести даде дозвола да се одржуваат музички настани на отворено, но со задолжително почитување на здравствените протоколи. Ние единствено што може да направиме е да апелираме на поголема свесност кај граѓаните и организиаторите во ова време на пандемија од COVID-19. На една страна е приоритетот за заштита на здравјето на нашите граѓани, а од друга економските аспекти и бенефитот за туристичкиот сектор, кој претрпе огромни загуби. И покрај јасно дефинираните протоколи за работа на сместувачките капацитети, угостителските објекти и плажите, што ги донесе Владата по предлог на Комисијата за заразни болести, најголемата заштита единствено може да се темели само врз поединечната одговорност на граѓаните во делот на почитување на сите пропишани мерки за заштита. Добивме правно мислење дека ни Советот не може да изгласа одлука со која ќе се забрани одржување на концерти. Ако ме прашувате како граѓанин, мислем дека концерти не треба да се одржуваат, вели Георгиески.

Тој информира дека до денес во ЈП „Билјанини извори“ од страна на една музичка продукција има резервации за одржување музички настани на Градскиот стадион за два термини, 7-ми и 8-ми август, но потенцира дека просторот ќе биде изнајмен и настаните ќе се одржат само доколку се утврди дека продукцијата ги поседува сите капацитети за да може да го испочитува во целост претходно споменатиот протокол.

Кризниот штаб на општина Охрид вчера одржа седница од која се упати препорака до организаторите да не ги организираат и одржуваат настаните доколку немаат капацитети за почитување и спроведување на протоколот за начинот и условите за организација на настани.

Канал 5: Ниту еден организатор не ги пријавил најавените концерти во Охрид

Пред само два дена, Канал 5 јави дека ниту еден организатор, домашен или странски, не пријавил некој од најавените концерти за ова лето во Охрид.

– До овој момент во СВР охрид не е добиено официјално барање од институција која што е организатор на концерти, домашна или странска, и не се најавени концерти во Охрид. СВР по допрен глас дозна за најавените концерти и изврши одредени контакти со досега познати организатори на музички концерти во Охрид и земјава, но од нивна страна не е добиена информација дека истите биле вклучени во некаква организација на музички концерти во Охрид, велат од СВР Охрид за Канал 5.

Според истиот извод, доколку има концерти, во рамките на своите законски активности, СВР Охрид самостојно, но и во соработка со ДПИ и други надлежни служби ќе врши интензивни контроли во однос на безбедносно-здравствените протоколи од COVID-19.

Од СВР Охрид најавиле и дека ќе поднесат соодветни пријави за непочитување на протоколите.

Во исто време, охридската јавност е со поделени мислења за тоа дали треба да се организираат вакви масовни настани, особено во време кога се’ уште имаме високи бројки на заболени лица од COVID-19. Неодамна на угостителските објекти им беше наложено дека нема да можат да организираат музички и Дџ настани на отворен и затворен простор и дека е задолжително менаџирање со редарски служби на влегувањето на гостите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука