ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Коронавирусот го одложи Охридскиот пливачки маратон за в година

Охрид, 31. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Пандемијата предизвикана од коронавирусот го откажа Меѓународниот охридски пливачки маратон, што по традиција се одржува кон крајот на август, информираа од Пливачката федерација на Македонија.

Една од најголемите домашни спортски манифестации, Охридскиот пливачки маратон, која е белег за Охрид, последниве години се соочуваше со организациски, финансиски проблеми и неизвесност околу одржувањето, но ова е првпат по 28 години маратонот да биде откажан.

– Овогодинешните официјални интернационални пливачки маратони од светска серија за 2020 година (34-от Традиционален Охридски Пливачки Маратон 25км и олимписка дисциплина 10км) нема да се одржат, поради светска пандемија COVID-19) и едногласно откажување на целокупната ФИНА светска серија за 2020г во светот, почитувајќи ги препораките на Светска здравствена организација за превентивна медицинска и здравствена заштита на спортисти- пливачи, тренери, организатори и публика, стои во соопштението од федерацијата.

Оттаму велат дека двата пливачки настани ќе се одржат следната година, пливачкиот маратон на 21-ви август, а трката на 10 километри една недела подоцна, на 28-ми август.

Охридскиот пливачки маратон, кој преставува еден од спортските амбасадори на Охрид и нашата република има долга традиција. Првата маратонска трка се одржа во 1954 година, а првиот Охридски пливачки маратон во 1962-та, кога на 5-ти август се пливаше Првиот светски шампионат во маратонско пливање на слатки води, кој прерасна во една од најголемите спортски манифестации од таков вид во Република Македонија.Меѓу професионалците победи Абдел Абу Хеиф од Обединатата Арапска Република, а меѓу аматерите неговиот сонародник Небил Шазди. Во женска конкуренција победи охриѓанката Атина Бојаџи. Во професионалната трка од македонските пливачи голем успех постигна Дики Бојаџи (трето место) и Климе Савин кај аматерите, кој го освои четвртото место. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука