Десет правни субјекти во Охрид заработија казни од по 7.000 евра за бесправно изградени тераси и шанкови
Охрид, 4. август 2020 (ОХРИДПРЕС) – Десет правни субјекти заработија глоба од по 7.000 евра по обиколката на инспекциските служби на плажите, угостителските објекти и автокамповите.
За време на продолжениот Илинденски викенд во Охрид екипи на општинскиот инспекторат, во координација со инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд, спроведоа заеднички контроли и извршија надзор на плажите, угостителските и сместувачките капацитети, во делот на почитување на законските прописи за поставување на урбана опрема и почитување на протоколите за превенција од коронавирусот COVID-19.
Изречени се парични казни за незаконско поставување на урбана опрема-тераси со и без настрешници, покриени и непокриени шанкови, без одобрение за поставување на урбана опрема или спротивно на одобрението за поставување на урбана опрема.
– При контролите, во автокампот и плажата „Градиште“ од страна на општинските инспектори, кај 5 правни субјекти е констатирано прекршување на Членот 161-а од Законот за градење при што за секој од нив е изречена глоба во износ од 7.000 евра во денарска противредност. Во текот на инспекцискиот надзор на делот од крајбрежјето, на потегот во населбата „Свети Стефан“ каде што во текот на изминатиот период се вршеше отстранување на бесправни градби, исто така, од страна на општинските инспектори е утврдено прекршување на Членот 161-а од Законот за градење и изречена e глоба во износ од 7.000 евра во денарска противредност за 5 правни лица, информираат од општина Охрид.
Инспекторите најавија дека и во периодот кој следи ќе се спроведуваат интензивни контроли на угостителските објекти и плажите на Охридското крајбрежје, а ќе селдуваат и казни за прекршителите.
Претходно, Државните пазарни инспектори им изрекоа две кривични пријави на организаторите на забавите на плажите 2 и 3 во „Градиште“. Инспекторите се згрозени од однесувањето на младите туристи и нивното однесување, а најмногу непочитувачи на мерките уловиле кај закупците на педалинки, чадори, лежалки и други реквизити.
Продолжениот празничен викенд го наполни Охрид со гости, масовни забави по плажите, а носењето маска, социјалната дистанца, почитувањето на здравствените протоколи како секој од туристите да си ги заборавиле во местото од каде дошле. Големиот број луѓе, во комбинација со ниското ниво на култура и традиционалното „сум платил, ќе правам што сакам“ направија градот и езерото да се гушат во купишта расфрлано ѓубре на сите страни, со кое се бореа вработените во комуналното претпријатие. Претежно помладите гости движејќи се низ градот, но и во објектите каде беа сместени се однесуваа дрско и недолично.
Според здравствените власти овие случувања се како темпирана бомба за периодот кој претстои.
Освен што градот беше полн за Илинден, се наполни и полицискиот билтен. Евидентно беше засилено полициско присуство низ градот, а беа регистрирани тепачки, сообраќајни незгоди, употреба на недозволиви супстанци и други прекршувања. Мештаните се жалеа на бучавата и вревата која ја прават гостите до раните утрински часови. Нивните коментари се дека и покрај што градот е исполнет во врема на пандемија, надлежните треба подобро да размислат каков туризм треба да се развива во Охрид. Не е важна само бројката на туристи кои ќе дојдат туку и нивното однесување, за да не излезе да ќе имаме повеќе штета отколку бенефит од престојот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |