ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Жителите на „Абас Емин“ со петиција за бавното одвивање на градежните зафати, од општината апелираат за поголемо разбирање и поддршка

Охрид, 4. август 2020 (ОХРИДПРЕС) – Жителите и правните субјекти кои работат на улицата „Абас Емин“ до Советот на општина Охрид ќе испратат петиција за бавното одвивање на градежните и реконструктивни зафати на улицата.

Иако задоволни што после долги години и по многуте најави и ветувања, конечно започнаа работните зафати за реконструкција на оваа значајна сообраќајница во Охрид, сепак велат работата на терен како да се запрена, оди многу бавно.

Нема достапен опис
– Свесни сме дека е потребна взаемна доверба, трпеливост и соработка. Нашиот однос кон работниците и вклучените во проектот е на високо ниво и притоа немало ни најмал проблем. Но, за жал очигледно работните зафати се во застој и се одвиваат со многу споро темпо. Сите жители на нашата улица која го носи името на охридскиот народен херој Абас Емин, секојдневно страдаат од настанатиот градежен хаос и застој на работните зафати. Страдаат дишните органи, детските колички, старечките бастуни. Растурената улица, камењата и прашината не потсетуваат на некои минати векови на примитивно живеење. Не смееме да ги заборавиме и бизнисите кои трпат од моменталната состојба на улицата, која веќе три и повеќе месеци е во ваква очајна состојба. Токму во овој сектор со улицата „Абас Емин“ треба да провериме дали и колку сме зрели и подготвени за Европската Унија, во еден град на УНЕСКО, туристички центар, стои во петицијата.

Нема достапен опис

Нема достапен опис

Нема достапен опис

Како проблем го наведуваат и паркирањето на возилата и градежната механизација на овој проестор. Жителите бараат побрзо решавање на работните зафати, а во исто време квалитетот на изработеното да биде на високо ниво. Во меѓувреме, во овие летни денови со високи температури бараат од општината санирање на проблемот со прашината, со забрана за транзитирање низ улицата и доколку е возможно неколкукратно прскање со вода.

Нема достапен опис

Нема достапен опис

За став се обративме и до општина Охрид. Од Одделението за односи со јавност за Супер радио и OhridPress информираат дека во тек се работи на изведба и реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа на улицата, на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Македонски Просветители“. Оваа фаза од реконструкцијата се релизира преку Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој.
– Министерството за транспорт и врски според сите законски регулативи ја има избрано фирмата „Бокоп“, Боровец за изведување на градежните активности. Се работи за сложени инфраструктурни зафати, а динамиката за одвивање на градежните активности е однапред утврдена. Избраната фирма прво работи на поставување на главната линија од подземната инфраструктура, по што следуваат активности за спроведување на нови приклучоци, кои ги изведуваат општинските јавни претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“, велат од општината.

Оттаму апелираат до жителите на улицата „Абас Емин“ за поголемо разбирање и поддршка во текот на изведување на сите предвидени градежни активности за реконструкција на улицата.

Реконструкцијата на улицата „Абас Емин“ која ги поврзува булеварот „Туристичка“ со „Железничка“, двете најважни и најфреквентни улици во градот, започна во втората половина на април.

Проектот е поделен на два дела, првиот дел, за изведба и реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа на улицата се реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој. Вториот дел од инвестицијата, кој опфаќа комплетна реконструкција на коловозната лента и тротоарите во должина од 1100 метри, од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Железничка“ ќе се реализира со средства од Буџетот на Општина Охрид. Вредноста на вкупната инвестиција е околу 40 милиони денари.

Во рамки на активностите за реконструкција на целокупната подземна инфраструктура, се работи на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Македонски Просветители“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука