COVID-19 Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

ИЈЗ: Најголем процент на новозаболени се лица над 60 години, расте бројот на оздравени пациенти

Скопје, 5. август 2020 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи и значително зголемување на бројот на оздравени лица, во однос на претходната недела, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 27-ми јули до 2-ри август.

Министерството за здравство информира дека R0 факторот на преносливост на вирусот покажува позитивен тренд на намалување, кој изнесува 0,9, а во континуитет речиси еден месец е околу 1.

– Во дадениот период се направени вкупно 9.709 тестирања (146 повеќе од периодот 20 – 26 јули) и регистрирани се 912 позитивни случаи на COVID-19, што е за 4,6 отсто помалку од претходната недела. Благо намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 9,4 проценти (претходната недела 10 отсто од тестираните беа позитивни). Новозаболени се регистрирани во 28 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (27,9 отсто – бележи благо намалување три недели по ред), во Штип (12,2 проценти) и во Гостивар (11,2 отсто). Во 19 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20, стои во извештајот на ИЈЗ.

Во однос на старосната структура на новозаболените во овој период, најголем процент се лица над 60 години – 22,9 проценти, а поголем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30-39 години – 19,4 отсто. Во возрасната група 40-49 години се 17,9 проценти од новозаболените, а во групата 50-59 години – 17,8 отсто. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години – 3,1 проценти и 10-19 години 5,0 отсто.

– Од случаите кои се епидемиолошки истражени се хоспитализирани 136 лица или 15,7 проценти, а кај 277 лица или кај 32,2 отсто регистрирано е присуство на коморбидитети. Од вкупниот број епидемиолошки истражени новозаболени 38,1 отсто имале контакт со потврден случај на COVID-19, а 21 лице (исто како и претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена, велат од Министерството за здравство.

Во периодот 27-ми јули до 2-ри август се регистрирани 1.032 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 378 лица или 36,6 отсто повеќе од претходната недела на известување (20 – 26 јули). Регистрирани 29 смртни случаи, што е намалување од 14,7 проценти, во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите се лица над 60 години – 75,9 отсто. Во болнички услови се починати 24 од случаите, а пет вонболнички. Кај 23 од смртните случаи (79,3 отсто) се регистрирани претходни коморбидитети. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука