Од Кризниот штаб на општина Охрид апелираат да се почитуваат мерките за време на празниците
Охрид, 8. август 2020 (ОХРИДПРЕС) – Кризниот штаб на општина Охрид за време на православните празници „Преродбена маченичка Параскева“ и „Свети Климент Охридски и Свети Пантелејмон“ апелира до верниците да се воздржат од масовни собири во манастирските комплекси „Света Петка“ во Велгошти и „Свети Климент и Пантелејмон“ на „Плаошник“.
Се упатува препорака до верниците за почитување на сите препораки за заштита и превенција од Корона вирусот COVID-19. Исто така се упатува апел до сите жители и посетители во градот, максимално да се придржуваат до сите мерки за заштита. Да се носат заштитни маски, да се одржува потребно растојание и да се одржува лична хигиена според препораките.
– Да бидеме одговорни, да го зачуваме сопственото и јавното здравје, апелираат од Кризниот штаб на општина Охрид.
Неодамна со препораки излегоа и од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, односно Дебарско-кичевската епархија Охрид, од каде ги известија верниците дека за време на претстојниот празник на светиот Климент Охридски- Чудотворец, св. Седмочисленици и св. великомеченик Пантелејмон, ќе има богослужба во манастирот посветен на овој наш голем светител на Плаошник во Охрид.
– Поради настанатата состојба со корона вирусот COVID-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание. Истовремено, Ве известуваме дека и оваа година моштите на патронот на нашата света Црква ќе бидат отворени за поклонение на верниот народ, но, поради опасноста од заразната болест, апелираме до верниците да се воздржуваат од целивање, а секој кој ќе пристапи кон моштите ќе добие памук натопен со невидливата и исцелителна благодат од светите мошти. Се надеваме дека верниот народ ја разбира нашата грижа, особено што ова е грижа, пред сѐ, за нив, за нивното здравје и за нашата иднина. Господ, нашиот Бог, по молитвите на светиот Климент Охридски, да нѐ избави од сите искушенија и да ни дарува здравје, мир и голема љубов, та победувајќи го невидливиот непријател, уште повеќе да ја зацврсти нашата вера и да нѐ сплоти како народ, кој верно ќе им служи на Црквата и на Татковината, порачуваат од канцеларијата на Дебарско-кичевската епархија Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |