COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Филипче: Огромен ризик е целосното отворање на училиштата

Скопје, 12. август 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во изјава за Тв Сител, информираше за заедничкиот состанок на Комисијата за заразни болести со претставници на Министерството за образование и наука, на кој утрово присуствувал и министерот Арбер Адеми.

– Комисијата за заразни болести смета дека е огромен ризик по здравјето и на учениците и за нивните родители и за вработените на училиштата, доколку училиштата целосно се отворат и да функционираат започнувајќи на почетокот на септември. Видовме многу примери во многу различни земји во светот кога после отворањето на училиштата, заради очигледно неминовното зголемување на бројот на заразени, делумно или целосно училиштата се повторно затворени. Очигледно дека такво сценарио е можно и кај нас, доколку целосно се отворат училиштата. Свесни сме дека ова е еден голем предизвик, дека нема идеално решение, ја следиме и дебатата во јавноста, секоја од групите има некои свои аргументи, меѓутоа ние како Министерство за здравство ставаме апсолутно приоритет на заштитата на здравјето на граѓаните, вклучително и на децата коишто треба да тргнат на училиште, потенцираше министерот Филипче.

На прашањето дали се очекува овие денови да се најде компромис или ќе се чека да се формира Владата и да се има собрание за да се направат законски измени, министерот Филипче истакна дека според сознанијата, согледувањата и анализите коишто се правени од страна на МОН, и доставените протоколи врз основа на кои училиштата би требало да функционираат, станува збор за сложен процес.

– Сведоци сме дека и сега протоколи има за многу економски оператори и компании, меѓутоа тие не се почитуваат и едноставно таму каде што не се почитуваат протоколите може да биде потенцијален извор на зараза. Има многу сегменти во целокупниот образовен процес. Функционирањето во училиштата, заедничките простории, заедничките тоалети, одморите во коишто интеракцијата помеѓу децата и покрај тоа што би биле присутни во помал број според предложениот модел во училниците е своевиден ризик за трансмисија на вирусот, рече Филипче.

Тој посочи дека добро се менаџира здравствениот систем во смисла на слободни болнички кревети, а бројот на пациенти континуирано постепено се намалува, кога се споредува со минатите недели. Континуирано паѓа и бројот на хоспитализирани пациенти.

– Децата имаат многу лесна форма на болеста. Имаме предвидени капацитети во болницата во Козле. Иако и сега таму се лечат и возрасни пациенти и по потреба има капациетети и на педијатриската клиника. Не се само децата во ризик, туку и нивните родители. Поради тоа што децата се практично најголеми трансмитери, меѓутоа може да заболат и нивните родители. Во таа смисла се нашите насоки сепак да се стави акцент на онлајн наставата, секако со исклучоци кои треба да се дефинираат во текот на утрешниот ден, информираше Филипче.

Министерот Филипче истакна дека мора да се заштити јавното здравје, а во исто време мора да се обезбеди функционален едукативен процес многу важен за развојот на детето.

– Пред нас се есенски месеци. Есен која што не знаеме каква ќе биде. Ниту една земја во светот не знае што може да очекува. Епидемијата нема да трае вечно, затоа апелирам сите да бидат трпеливи. И ова ќе помине. Се може да се надокнади освен здравјето, посочи Филипче.

Протоколите за работа на градинките се изготвени уште пред неколку месеци, меѓутоа сега се ажурира бројка на новозапишани деца во градинка или тие што треба да тргнат училиште. И врз основа на таа анализа, имајќи го во предвид дека протоколот предвидува дали има помал број на деца во групите во градинка ќе се направи и соодветна одлука. Согласно можноста како би се спровело функционирањето на градинките. Засега нема одлука за отворање на градинките и тоа е нешто што треба во детали да се разработи.

– Во ниту еден момент, ниту една одлука на Комисијата за заразни болести не била политичка. Имаше спроведен и изборен процес, други одлуки коишто се носеа. Меѓутоа, секогаш Комисијата носеше одлука врз основа на епидемиолошката ситуација, медицината како наука и епидемиологијата. Така ќе биде и сега, рече Филипче.

Во текот на последните 24 часа се направени 1.627 тестирања, а регистрирани се 139 нови случаи на COVID-19, информираат од Министерството за здравство на Република Македонија. Во Охрид се регистрирани 3 новозаболени лица, а во болнички услови почин 66-годишен е пациент од Охрид. (Крај)

извор: Тв Сител/faktor.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука