Избор Охрид во 10 Празници ТОП ВЕСТИ

За значењето на празникот Успение на Пресвета Богородица

Охрид, 28. август 2020 (ОХРИДПРЕС) – Православната Црква на 28-ми август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста.

Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Небозрачната светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.

Во почетокот се славел само еден сеопшт Богородичен празник, кој доаѓал веднаш после Божик (денес тоа би бил празникот „Собор на Пресвета Богородица“, втор ден Божик), и кој веројатно опфаќал повеќе важни настани поврзани со Пречистата Богородица. Од овој празник посветен на Богомајката подоцна се издвоил празникот Успение. Најпрвин во Ерусалим и во палестинските манастири започнал секоја година да се слави тој општ празник на Богородица, што се гледа од еден Панигирик од 530 година, во кој се вели дека денот на Богородица низ палестинските манастири се прославува со голема свеченост. Но, овој Панигирик не ни дава податоци кога се слави овој спомен и дали воопшто се славел споменот на Успението на Богомајката или само годишниот општ спомен. Од еден стар ерменски Лекционар, пак, дознаваме дека „15 август е денот на Марија Богородица“. Но, и овој документ не ни дава податок дали се славело Успението или општиот годишен празник. Дури подоцна, во VI односно VII век празникот Успение Богородично конечно се издвоил, и започнал да се празнува на 15-ти август, најпрвин во старата црква во Гетсиманија посветена на Успението на Богородица, подигната за време на царот Маркијан (V век).

Воведувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во Византија, му се припишува на царот Маврикиј (VI-VII век), а веројатно во знак на победата која тој на 15-ти август, по застапништвото на Божјата Мајка, ја извојувал над Персијците.

Црквата е како мајчинска утроба, која нѐ раѓа, храни, созрева и соединува со Бога, преку нашето учество во светите Таинства, во богослуженијата, а и преку благодатното застапништво на Пресветата Богородица во чијашто девствена утроба, пак, се извршило соединувањето на Бога со човекот. Таа Го носела Христа, Го родила и ни Го дала нам, учествувајќи со тоа во Тајната на Божјиот Домострој за спасението на родот човечки. Поради тоа сите празници посветени на Богомајката имаат и христолошки и сотириолошки карактер.

Нашето лично учество во празникот настапува во оној миг кога молитвено стоиме пред преблагиот лик на Богомајката, кој ни објавува дека животот ја победи смртта, дека за човекот умирањето е влез во животот, дека над сѐ што постои се зацарува радост и љубов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука