Избор Култура Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Новинарот Митаноски подари збирка со стари фотографии од СВП

Струга, 30. август 2020 (ОХРИДПРЕС) – Струшките вечери на поезијата, од охридскиот публицист и културен работник Веле Митаноски добија на подарок вкоричена и систематизирана збирка на стари фотографии, од настани на фестивалот, почнувајќи од 1970 година.

-Ова е драгоцен прилог, кој ќе не поттикне да продолжиме со целосно средување на и така богатата архива, која ќе биде дигитализирана и во трајна форма ќе сведочи за развојот и афирмацијата на фестивалот, истакна директорот Тодорче Тасевски.

Поетот, учесник на годинешното издание, професор д-р Христо Петрески, чинот на својот колега, со кого едно време го јадел новинарскиот леб од седум кори, го нарече срдечен, хуман и несебичен гест.

-Колегата Митаноски се одважи да преотстапи едно долгогодишно историографско сведоштво за повеќе генерации учесници на СВП, кое ќе биде драгоцено за подготвување на јубилејната монграфија догодина, една драгоцена збирка на настани и личности. На овие фотографии не им требаат зборови, тие зборуваат самите-без зборови. СВП го заслужуваат тоа, Митаноски и сите ние кои сме биле дел од струшкиот, а истовремено и светски поетски фестивал, знаеме за какви артифакти станува збор.

На чинот на предавањето, присуствуваше и познатиот српски поет Мајо Даниловиќ, како учесник, но и во својство на специјален пратеник на генералниот секретар на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, д-р Лаура Троиси.

-Возбуден сум од овој чин кој не сум го видел на друго место. Чин на збогатување на една ризница од факти, за една од најголемите поетски приредби во светот. Несебичен чин кој доаѓа од еден човек, еден од највозрасните сеуште активни новинари, на некој начин потписник на азбуката на новинарството во регионот, човек кој повеќе од половина век се бори за воистиновување на вистината, потенцираше Даниловиќ, инаку високо рангиран во Светската академија на поезијата и прв човек на Оделението за Балканот и словенскиот свет. (Крај)

извор: СВП фото: СВП

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука