Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Во струшкото село Глобочица промовирано најновото издание на списанието „Лице в лице“

Струга, 1. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Најновото издание издание на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, посветено на тема: потенцијалите на руралниот развој, својата промоција ја доживеа во недопрената убавина на струшкото село Глобочица.

Станува збор за синтеза на приказни кои го запираат здивот за некогашниот начин на живеење, и, во исто време, на раѓањето нов живот, поттикнат од солидарната и иницијативна природа на мештаните.

Во друштво на гости, љубопитни за слоевите и потенцијалите на местото кое ја дели месноста Малесија од Дримкол, за патувањето низ густите дабови крошни до црквата Св. Антонија, за сеќавањата, кои, нештедејќи се, ги раскажуваат мештаните, за зелената боја на езерото во кое се „бањаат“ среќните дрвја, додека на вжештениот сплав кај присутните се раѓа чувство како да се во оаза каква што посакуваме да се негува насекаде во иднина.., виделина виде и најновото издание на „Лице в лице“, кое одлучи преку своите страници да укаже токму на капацитетите што како земја ги имаме, а на кои им е неопходно малку поуверливо препознавање од наша страна, и секако, поголема нега и грижа.

– Ја реоткриваме, се одушевуваме на својата земја и заклучуваме дека сме затрупале и сме направиле невидлива една огромна планина од можности и сме запустиле многубројни предели полни со потенцијал во кои реално и нема услови за живот зашто не ни биле приоритет, а не сме ја препознавале ниту потребата од нив. Низ овој број на „Лице в лице“, нашите соработници го отворат сезамот со ризницата можности скриени длабоко на планините, езерата, реките, селата, водопадите… Разговаравме одблиску со луѓето што живеат од фармерство и од рурален туризам, со луѓе што го оставиле „нормалното“ и влегле во нешто сосема друго. Со луѓе што се фокусирале на најдоброто од Македонија, го најавува најновото издание, Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, и главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.

Инаку, 41. издание на „Лице в лице“, носи и теми кои нѐ запознаваат со хероите на Шара, кои го враќаат животот во планините, потоа стории кои зборуваат за тоа колку пандемијата ги промени шемите на производство и консумација, но, и приказни кои ни претставуваат млади луѓе кои одлучиле да го заменат урбаниот хаос со руралното спокојство, но, и да се занимаваат со земјоделство, затоа што се свесни дека патот до одржливост, води низ иницијативи кои ја будат свеста за нашата улога во градењето квалитетна и здрава иднина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука