ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Планинската спасителна служба интервенираше по дојава за изгубено лице над кампот „Ливадиште“

Струга, 14. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Оперативниот центар на Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид денес беше алармиран од страна на Центарот за управување со кризи, за изгубено лице над авто кампот „Ливадиште“ кај Струга.

Според пријавата лицето се наоѓало во лоша состојба, дезориентирано, дехидрирано и видно вознемирено. Располагало со околу 5% капацитет на батеријата од мобилниот телефон, што придонесе за усложнување на ситуацијата. Оперативниот центар на ПСС, веднаш го контактираше лицето, посочувајќи му ги постапките за безбедно очекување на спасителните тимови и со упатство за негово брзо лоцирање, преку SMS системот за лоцирање. За кратко време беше мобилизиран тим од четири спасители, кој се упати веднаш на терен, а во меѓувреме, преку системот за лоцирање стигна и точната позиција на лицето.

-Во 14:10 часот, тимот пристигна на локацијата, каде 37 годишниот стружанец беше затекнат во видно изнемоштена состојба, дехидриран, но со стабилни витални параметри. По кратка интервенција, низ густа вегетација и тешко пристапен терен, лицето беше безбедно евакуирано до теренското возило на ПСС, а потоа транспортирано и до сопствениот дом, информираат од Планинската спасителна служба.

Од ПСС апелираат до сите љубители на природата и планините, да ги почитуваат основните правила за движење на планински терен, да се движат во групи од најмалку две лица, да поседуваат соодветна опрема за планираната тура, како и доволно количество храна и течности. Исто така, да внимаваат и на капацитетот на батериите на мобилните телефони, како и да го имаат меморирано SOS бројот на ПСС, доколку се движат на територијата од општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Ресен. (Крај)

извор: ПСС фото: ПСС

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука