Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Европска недела на мобилност: Иднината на одржливата мобилност е во твои раце – Вози велосипед!

Скопје, 16. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на Европската недела на мобилност РСБСП ве потсетува: „Возењето велосипед може да го спаси светот и да го направи Вашиот живот подобар! Одважи се, вози велосипед!

Европската недела на мобилност (European Mobility Week) e активност, односно кампања која на иницијатива на Европската комисија, се спроведува секоја година, во периодот од 16-ти до 22-ри септември. Кампањата има за цел промоција на алтернативни форми на мобилност како што е пешачењето, велосипедизмот и користењето на јавниот превоз.

Согласно тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во наредните 7 дена ќе реализира низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот.

Возењето велосипед или велосипедизмот како алтернативно превозно средство носи со себе многубројни бенефити – персонални, економски, социјални, еколошки и многу други. Како резултат на сите овие бенефити, луѓето сѐ повеќе ги заменуваат своите автомобили со велосипеди како начин на мобилност и транзитирање до посакуваната дестинација. Истражувањата покажуваат дека во изминатата деценија бројот на луѓе кои патуваат до своето работно место со велосипед, континуирано се зголемува од ден на ден и позитивно е оваа појава да продолжи и во иднина.

Додека повеќето луѓе се свесни за општествените, здравствените и практичните предности кои ги носи возењето велосипед, многумина не разбираат точно колку големо влијание велосипедизмот може да има врз квалитетот на нивните животи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука