септември 17, 2020

Женева, 17. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Дури во 2022 година светот може да започне да размислува за враќање на животот пред Ковид-19, рече д-р Соумја Сваминатан, научник од Светската здравствена организација (СЗО) во Женева.

– Зборуваме за 2022 година, така што ќе мора подолго време да ги задржиме истите мерки што се применуваат, кои вклучуваат одржување на физичка дистанца, носење маски и одржување редовна хигиена, им рече на новинарите д-р Сваминатан на онлајн конференција организирана од  Обединетите нации, пишува Си-Ен-Ен.

– Овие мерки ќе мора да продолжат и кога ќе ја имаме вакцината и кога ќе започнеме со вакцинирање затоа што потребно е 60 до 70 проценти од популацијата да стекне имунитет пред да биде видливо драматично намалување на преносот на овој вирус, рече таа.

„Ние исто така не знаеме колку долго ќе штитат вакцините – тоа е уште еден голем прашалник: колку трае имунитетот? И можеби ќе ви треба ‘засилувач’“, рече д-р Сваминатан.

Таа додаде дека здравствените власти во моментов сакаат да го контролираат коронавирусот, наместо да го елиминираат.

„Иако временската линија е сè уште неизвесна и тешко е да се предвиди, мислам дека може да се каже дека дури во 2022 година можеме да започнеме да размислуваме за враќање на нормалниот живот пред COVID-19“, рече д-р Сваминатан и додаде дека не смета дека коронавирусот ќе стане сезонски вирус.

Наместо тоа, додаде таа, може да очекуваме да видиме подеми и падови во бројот на заразени. (Крај)

извор: Вечер фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука