ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Додека се бара спас за Преспанското, и на Охридското Езеро „му се бројат коските“, денес 14 сантиметри под просекот

Охрид, 17. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во време кога соседното и нераскинливо поврзаното Преспанско Езеро се наоѓа на раб на околошка катастрофа, нивото на водата во Охридското Езеро денес е за цели 14 сантиметри пониско од месечниот просек.

Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) водостојот е на кота од 693,19 м.н.в.

Оваа бројка го вклучува алармот особено со фактот што водата во езерото е за само 2 сантиметри над природната кота од 693.17 м.н.в. Колку за споредба, минатата година овој период, нивото било на кота од 693,29 м.н.в, односно на 4 сантиметри под просекот.

Овој проблем може и да се продлабочи, особено ако се има во предвид дека, според податоците на www.accuweather.com, скоро во текот на целиот овој месец, се најавува сончево и релативно топло време за овој период од годината со температури околу 25-тиот степен до половината на месецот и над 20-тиот степен во втората половина на септември.

И додека пред две години се соочувавме со ниво кое драстично и ја надмина горната граница (693,75 м.н.в), па имаше излевање на езерото и штети по крајбрежјето, годинава состојбата е крајно неповолна.

Испустот преку реката Црн Дрим е сведен на минимум, а кон падот на водостојот се додава и сушниот период без врнежи од дожд, за што добрите познавачи велат дека значително се одразува на хидролошката состојба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука