ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

ЕСМ: Езерото се празни поради чистење на истекот на реката Црн Дрим во Струга

Охрид, 17. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од Електрани на Македонија (ЕСМ) објаснуваат дека Охридското Езеро се празни поради чистење на истекот на реката Црн Дрим во Струга, откако периодов наназад дел од охридските медиуми реагираат на исклучително нискиот водостој, кој денес е на 14 сантиметри под месечниот просек.

Од ЕСМ за порталот сдк.мк истакнале дека дозволените коти на Охридско Езеро се движат од 693.75 до 693.10 и во овој случај истекот бил до рамките на дозволеното.

-На барање на изведувачот на работите за чистење на нанос од песок и друг материјал пред истекот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро, АД ЕСМ обезбеди максимален истек на вода со што беше овозможено непречено извршување на работите кои се во интерес на целата заедница. Работите успешно завршија и денеска при кота на Охридското Езеро 693,17 м.н.в заврши понатамошното намалување на нивото, велат од ЕСМ за порталот.

Охридското Езеро на само 3 сантиметри над природната кота, водостојот за 13 сантиметри под месечниот просек

Информацијата доаѓа во време кога соседното и нераскинливо поврзаното Преспанско Езеро се наоѓа на раб на околошка катастрофа, нивото на водата во Охридското Езеро денес е за цели 14 сантиметри пониско од месечниот просек. Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) водостојот е на кота од 693,19 м.н.в.

Оваа бројка го вклучува алармот особено со фактот што водата во езерото е за само 2 сантиметри над природната кота од 693.17 м.н.в. Колку за споредба, минатата година овој период, нивото било на кота од 693,29 м.н.в, односно на 4 сантиметри под просекот.

Овој проблем може и да се продлабочи, особено ако се има во предвид дека, според податоците на www.accuweather.com, скоро во текот на целиот овој месец, се најавува сончево и релативно топло време за овој период од годината со температури околу 25-тиот степен до половината на месецот и над 20-тиот степен во втората половина на септември.

И додека пред две години се соочувавме со ниво кое драстично и ја надмина горната граница (693,75 м.н.в), па имаше излевање на езерото и штети по крајбрежјето, годинава состојбата е крајно неповолна. Испустот преку реката Црн Дрим е сведен на минимум, а кон падот на водостојот се додава и сушниот период без врнежи од дожд, за што добрите познавачи велат дека значително се одразува на хидролошката состојба. (Крај)

извор: СДК.МК/ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука